Драстичен пад на производството на винско грозје е забележан годинава, објави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски. Според неговите информации, досега се откупени околу 53 милиони килограми, што упатува на голем пад, особено ако се има предвид дека се произведуваа над 100 милиони винско грозје во земјава.
– Повторно ќе ги враќаме лозарството и винарството да бидат гранка што ќе значи задоволни земјоделци – изјави Трипуновски.
Досега, како што рече, согласно со бербата, откупени се некаде околу 53 милиони килограми винско грозје, што е сериозен пад од она што го произведуваше Република Македонија некогаш, тоа е накратко поради оние лоши политики во изминатиот период и Македонија денеска да падне на ваква минимална количина.
– Знаете дека во минатото сме имале над 150 милиони килограми, од кои се произведувале околу 110 милиони литри вино – подвлече тој.
Оваа година гледаме, додаде, како и минатата, има катастрофална ситуација.
– Во наредниот период ќе ги враќаме лозарството и винарството да бидат гранка што ќе значи задоволни земјоделци, сериозен девизен прелив, гранка што ќе биде за почит и производство на квалитетно вино, кое и понатаму ќе ја претставува државата надвор од границите – посочи Трипуновски.