Доделени 126 субвенции за велосипеди, е-велосипеди и е-тротинети

38

Општина Центар информира дека заврши повикот за аплицирање за субвенции за купување нов велосипед, електричен велосипед и електричен тротинет, односно оти квотата за субвенционирање која предвидуваше 400.000 денари е исполнета.

Во рамките на проектот „Цел Центар на точак“ за 2024 година, Општина Центар годинава додели вкупно 126 субвенции, од кои 101 за велосипеди и 25 за е-велосипеди и е-тротинети. Преку повикот секој полнолетен граѓанин имаше право на еднократна субвенција во висина од 30% од цената, но не повеќе од 3.000 денари.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски како голем љубител на велосипедизмот им честита на новите жители кои автомобилите ќе ги заменат со велосипеди, електрични велосипеди и тротинети. Општина Центар како најфреквентна општина има навистина голем проблем со слободни паркинг места, а велосипедите и тротинетите се одличен начин за нивно избегнување.

-Ме радува што во општината имаме нови граѓани кои преку нашиот повик ќе возат нови велосипеди и тротинети. Лично многу го почитувам возењето велосипед не само поради здравствените бенефити туку и поради избегнувањето на гужвата и брзото стигнување до посакуваната дестинација. Промоцијата на возењето на велосипеди е навистина значајна особено за нас центарци затоа ги охрабрувам жителите да практикуваат возење на алтернативни превозни средства со кои ќе практикуваат физичка активности и ќе го зајакнат своето здравје и секако ќе заштедат избегнувајќи ја наплатата во паркинзите – порача Герасимовски.

Проектот „Цел Центар на точак“ кој Општина Центар го спроведува неколку години по ред има за цел да обезбеди поздрав начин на живот, поздрава животна средина и помал сообраќаен метеж низ улиците во Општина Центар. Покрај субвенционирањето на нов велосипед, електричен велосипед и електричен тротинет Општина Центар доделува и субвенции за дополнителна опрема, односно седишта за деца или кациги за велосипед, е-велосипед или е-тротинети.