Доброволците од „Архангел“ во клинч со огнената стихија во Новаци

    60

    Голем пожар има и во општина Новаци каде што во негово гаснење деноноќно се вклучени од доброволното противпожарно друштво „Архангел“ од Битола. Тие се на првата борбена линија, спречувајќи огнот да се прошири кон селото и манастирот „Свети Ѓорги“ во Паралово, каде е и гробот на војводата Ѓорги Сугарев и шесттемина комити од неговата чета

     

    Големиот пожар и денеска беснее кај Пехчево. Според градоначалникот Александар Китански состојбата е повеќе од алармантна. Според него, ова е многу полош пожар од оној што гореше до пред неколку дена.

    – Сега е полошо. На терен гори високостеблеста борова шума од која се издигаат високи пламени јазици. Теренот е многу непристапен, не можат да се движат ниту возила ниту луѓе. Дува силен ветер поволен за разгорување на огнот – опишува и Китански.

    Тој смета дека на таков терен може да се дејствува единствено од воздух.

    – Само поддршка од воздух е потребна за да се скроти огнот, луѓе не смеат да се пуштат за да не се случи катастрофа. Дејствуваат два хеликоптера и има позитивни резултати – нагласи тој.

    Китански додава дека засега не се загрозени објекти или населени места.

    – Сите луѓе ни се на терен. Помагаат многу доброволни друштва и месното население. Тука се припадници на ТППЕ од Берово, Кавадарци, Кочани и Виница. Имаме поддршка од сите подружници на „Национални шуми“ – објаснува градоначалникот.

    За противпожарното возило што завчера изгоре во овој пожар, Китански вели дека е сопственост на Општината, но оти било отстапено на користење на локалното доброволно противпожарно друштво. Ова возило како што информираат од ЈП „Национални шуми“ во потполност изгорело во пожарот.

    – Четирите лица, кои се наоѓаа во возилото се извлечени и спасени од вработените на подружницата од Пехчево – соопштија од „Национални шуми“.

    Според пехчевскиот градоначалник Китански, пожарот избувнал завчера околу 13:30 часот, а причините сè уште не се знаат. Додава дека на терен има инспектори на МВР кои вршат увид.

    Голем пожар има и во општина Новаци каде што во негово гаснење деноноќно се вклучени од доброволното противпожарно друштво „Архангел“ од Битола. Тие се  на првата борбена линија, спречувајќи огнот да се прошири кон селото и манастирот „Свети Ѓорги“ во Паралово, каде е и гробот на војводата Ѓорги Сугарев и шесттемина комити од неговата чета.

    Општина Новаци нема посебна противпожарна единица, но во битолската плаќа тројца пожарникари од својот буџет. И таа интервенира при пожари во Новаци. Има и доброволно друштво Противпожарна бригада Новаци, која исто така се вклучува во гаснењето на терен, а таму е и цистерната со вода испратена од Општината.

    Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, на денешната средба со амбасадорката на Романија, Моника Аксинте и со одбранбеното аташе, полковникот Каталин-Петре Арчип, во Министерството за одбрана упати благодарност за помошта која Романија ни ја пружи во справувањето со пожарите со упатување на два специјални авиони и тимови за гаснење пожар.

    Од вкупно 45 пожари регистрирани во текот на вчерашниот ден, како што информираат од Центарот за управување со кризи, денеска се активни десет. Од нив три се на територија на Кичево, кај селото Патеец, кај селата Челопеци и Бигор Доленци и во село Зајас. Два активни пожара се во Македонски Брод, едниот на потегот кај „Јасен“- Белица, а вториот кај селата Грешница и Слатина. Активни пожари има и во Пехчево, Новаци, Пласница, Неготино и Ресен, поточно пожарот од Галичица се шири во правец на врвот Магаро кон Стење.