Најдобриот тенисер на сите времиња, Србинот Новак Ѓоковиќ, ја завршува 2024 година без освоен грен-слем турнир, што ретко се има случено во неговата кариера. Претходно беше видена ваква ситуација во 2017 година, кога се мачеше со повреда, а сега околностите се поинакви – ја мина цела сезона бркајќи го златото на Олимписките игри во Париз, кое го освои победувајќи го Карлос Алкараз во финалето.
Иако не го зголеми бројот на грен-слем титули, тоа што го прикажа на теренот беше доволно за, сепак, да биде фаворит кога се игра за големи трофеи. На истото мислење е и поранешниот американски тенисер Џејмс Блејк, кој три пати играше против него и исто толку пати беше поразен.
- Сè зависи од Новак, физички тој сè уште е беспрекорен, само прашање е дали има желба во него. Тој го направи тоа, освои сè во овој спорт. Сè уште има оган во себе секое утро кога станува од креветот. Ако сака, ќе биде кандидат за освојување на грен-слем титулата и на 40 години – истакна Блејк.
Новак Ѓоковиќ во мај ќе го прослави својот 38. роденден и, според Џејмс Блејк, би можел да има три полни тениски сезони на највисоко можно ниво. Кога би постигнал уште еден добар резултат во текот на тие сезони, тоа би било испишување историја, односно само подобрување на рекордите што ги постигна претходно, бидејќи повеќето од нив веќе се во негова сопственост.
Српскиот тенисер има најмногу трофеи во историјата кога се титулите на грен-слем и на мастерсите во прашање, тој е рекордер по бројот на недели на врвот од АТП-листата, има подобар учинок од Роже Федерер и од Рафаел Надал. Можеби, негов следен мотив би можел да биде да го престигне Џими Конорс, кој има освоено најмногу турнири во кариерата.