Од вкупно 40 пожари регистрирани во текот на вчерашниот ден, изгаснати се 25 пожари, а шест се ставени под контрола. Девет пожари се се уште активни во текот на денешниот ден, од кои најголем е пожарот на територија на Општина Македонски Брод, стои во видео-изјавата објавена од директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.

-Бројот на пожари коишто секој ден ја зафаќаат територијата на Македонија е алармантен. Во текот на вчерашниот ден имавме дури 40 пожари на отворен простор. Некои од нив помали, некои малку поголеми, а имаме и еден монструм од пожар. Но, морам да укажам по којзнае кој пат дека и најмалите пожари за миг можат да се претворат во големи шумски пожари и да загрозат некое населено место или да загрозат живот на луѓе неколку километри понатаму. Затоа апелирам до сите граѓани, да бидат исклучително внимателни, за да не предизвикаат пожар на отворено, порача Ангелов и предупреди дека ресурсите се трошат, а пожарникарите се на крајот на силите.

Најтешкиот пожар со кој се соочуваат веќе 20 дена, е пожарот што беснее на територијата на Општина Македонски Брод, пожарот што помина преку селото Тажево, притоа ги изгоре куќите од ова село, потоа свртел околу селото Брезница, а во текот на вчерашниот ден се симнал на територијата на ловиштето Јасен.

-На овој пожар повторно денеска врз него дејствуваме со многу ресурси, вклучително и со еден унгарски хеликоптер. Таму се и 40 припадници на унгарската противпожарна бригада со специјални возила кои веќе изработија противпожарен појас со кој е обезбедена викенд населбата на брегот на езерото Козјак. Исто така имаме локални пожарникари но и 26 припадници на македонската полиција, вели Ангелов.