Според политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, принципите што ги промовираше премиерот треба да имаат национална стратегија, која ќе ја почитуваат сите и која треба да ја води државата напред. Без тој документ на кој треба да се потпишат сите и треба да биде Библија за секоја партија, без разлика дали се власт и опозиција, сè е само евтина популистичка реторика. – Македонија и партиите што ја водат и ја воделе треба да изработат стратегија за нејзин развој на политички, надворешен и на економски план и слепо да се придржуваат кон неа без разлика дали се на власт или опозиција, само така Македонија ќе се придвижи напред, а со популистички платформи, кои опозицијата не ги признава, не се движиме напред. Правото мора да се почитува и критериумите за вреднување треба да се почитуваат, но со поставување партиски кадри што немаат капацитет и знаење, освен партиска книшка, не можеме да кажеме дека се залагаме за просперитет на Македонија. Според мене, и овие 10 принципи, кои ги промовираше Мицкоски, ќе останат само добра ПР-стратегија – изјави Пекевски за весникот ВЕЧЕР |
Пораката на премиерот Христијан Мицкоски до лидерите на опозицијата за обединување околу 10. принципи, која ја испрати во својот говор по повод Денот на независноста, добра ПР- стратегија или, пак, реалност? Според политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, принципите што ги промовираше премиерот треба да имаат национална стратегија, која ќе ја почитуваат сите и која треба да ја води државата напред. Без тој документ на кој треба да се потпишат сите и треба да биде Библија за секоја партија, без разлика дали се власт и опозиција, сè е само евтина популистичка реторика.
– Македонија и партиите што ја водат и ја воделе треба да изработат стратегија за нејзин развој на политички, надворешен и на економски план и слепо да се придржуваат кон неа без разлика дали се на власт или опозиција, само така Македонија ќе се придвижи напред, а со популистички платформи, кои опозицијата не ги признава, не се движиме напред. Правото мора да се почитува и критериумите за вреднување треба да се почитуваат, но со поставување партиски кадри што немаат капацитет и знаење, освен партиска книшка, не можеме да кажеме дека се залагаме за просперитет на Македонија. Според мене, и овие 10 принципи, кои ги промовираше Мицкоски, ќе останат само добра ПР-стратегија – изјави Пекевски за весникот ВЕЧЕР.
Мицкоски порача дека мора да се прекине партизацијата на општеството и да се изолираат елементите што создаваат меѓуетничко неединство.
– Мора да ставиме мораториум на етнички произведените теми зад кои стои лукративниот интерес на поединци.
Мора да ѝ се стави крај на листата, на долгата листа желби за етнички права зад кои вистински стои ништо повеќе, туку личниот интерес на тие што ги произведуваат, за сметка на колективниот – рече тој.
Дополнително, посочи дека мора да имаме општа согласност за исполнување на нашата стратешка цел, а тоа е членството во Европската Унија.
– Немаме друга алтернатива, ниту, пак, постои друга реална шанса. Желбата на народот за членство во Унијата е желба за подобар стандард, повисоки критериуми, повеќе пари и среден систем. И ние, како Влада и општество, не смееме да отстапиме од европскиот пат – потенцираше Мицкоски.
Воспоставување правда и правна држава, крај на партизацијата на општеството, подобрување на стандардот на граѓаните и исполнување на стратешката цел за влез во ЕУ, беа дел од десетте принципи за кои побара премиерот единство и сплотеност.
На свечената академија во македонската Филхармонија, присуствуваа и претседателката на државава, Гордана Сиљановска-Давкова, и претседателот на Собранието, Африм Гаши, како и повеќемина претставници од законодавната, извршната, судската власт и од верските заедници.
Претседателката претходно упати честитка до граѓаните по повод 8 Септември, Денот на независноста, во која посочува дека наша должност е да ги оставиме настрана поделбите и да се сплотиме околу општото добро и јавниот интерес.
– Мора да ги вложиме сите наши лични и институционални капацитети за да ја направиме македонската Република пристојно место за живеење, што ќе дава еднакви шанси за напредок на сите нејзини граѓани, Република што ќе биде грижлива кон најдобрите, инклузивна кон различните, солидарна кон ранливите и праведна кон сите – наведува претседателката во честитката.
Истакна дека само со европеизација на државата, со владеење на правото, со борба против корупцијата, со функционални институции и со компетитивна економија и систем на заслуги ќе им овозможиме на младите генерации правото на потрага по среќа да го остварат дома, во заедничката татковина, во која ќе работат, ќе основаат семејства и ќе создаваат иднина.
Пораки за единство и сплотеност упати и СДСМ, коалицијата „Вреди“, ЗНАМ, Левица, СПМ, Демократскиот сојуз и ДУИ.
Претседателот на најголемата опозициска партија, Венко Филипче, во честитката посочува дека е време да ги искористиме силата и способноста на нашите граѓани за да ја надминеме секоја препрека што стои на патот кон подобро утре.
– Овој пат не беше лесен и беше исполнет со предизвици, но и со многу достигнувања. Патот што го избравме пред три децении е потврда на нашата колективна волја за достоинство и просперитет. Во овие три децении, Македонија ги зајакна своите институции, ја обезбеди својата меѓународна позиција и создаде услови за економски и за социјален напредок – вели Филипче.
Честитка за празникот со порака за заедништво упати и лидерот на движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, кој порача: – Да се трудиме да останеме сплотени и единствени како држава, посветено чекорејќи по патот кој води кон квалитетен живот на сите нас. Мора да оставиме место за солидарност, заедништво, меѓусебно разбирање и општо добро на секој од нас. Смело да зачекориме по зацртаниот пат на развој и просперитет. Да бидеме лидери во економскиот развој, да имплементираме квалитетни проекти за подобар живот на граѓаните, со цел обезбедување сигурна иднина за генерациите што допрва доаѓаат.
Коалицијата „Вреди“ ги повика сите граѓани и политички чинители да го негуваат духот на единството, толеранцијата и соработката, порачувајќи дека само така ќе продолжиме да го градиме општеството што го заслужуваме – општество на еднакви права, можности и стабилност.
– Нашата генерација има историска должност да се справи со ендемичната политичка корупција и да преземе решителни чекори кон реформи што ќе ги вратат капацитетите на уништените државни институции. Само преку транспарентност, одговорност и посветеност кон заедничкото добро ќе можеме да обезбедиме иднина што ќе биде светла за сите наши граѓани, без разлика на етничката припадност – се вели во соопштението од коалицијата „Вреди“.
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, на фејсбук- страница, упати порака до политичките елити да работат за почит и еднаквост меѓу заедниците.
Роденденски честитки за Македонија и од Рокас, Блинкен, Агелер…
На свечената академија присуствуваше и новиот евроамбасадор, Микалис Рокас, кој ја испрати честитката за Денот на независноста преку платформата Х.
Честитки по повод независноста упатија повеќемина амбасади, меѓу кои на САД, Велика Британија, Германија, Турција, Шведска, Франција, Русија, Украина, Србија и на Албанија, како и од НАТО и од ЕУ-делегацијата во земјава. Честитка по повод Денот на независноста, 8 Септември, упати и американскиот државен секретар, Ентони Блинкен.
– Американскиот народ и народот на Северна Македонија споделуваат посветеност на демократските вредности. Со нетрпение очекуваме да ја продолжиме нашата заедничка работа за промовирање на тие вредности, зајакнување на безбедноста и стабилноста и продлабочување на економските врски во регионот. САД ќе продолжат да го поддржуваат нашиот сојузник, Северна Македонија, на неговиот европски пат во годините што следуваат – се вели во честитката од Блинкен.
Видеочеститка упати и американската амбасадорка Анџела Агелер, која порача дека „на овој посебен ден се придружуваме на Северна Македонија и на сите вас во прославата на вашата независност и вашите динамични и разновидни заедници“.
– Како и нашата независност, вашата беше тешко здобиена, со безброј жртви направени од оние што верувале во моќта на слободата и на демократијата. Денес и секогаш, ја почитуваме вашата историја, вашата сегашност и светла иднина – рече Агелер.
Северноатлантската алијанса НАТО упати честитка по повод 8 Септември на, како што вели, „нашиот сојузник Северна Македонија“, додека Здружената команда на сојузничките сили на НАТО во Брунсум објави видеочеститка по повод Денот на независноста.