Дечиња од 5 до 12 години ќе учат со логопед и едукатор

62

Покрај индивидуалната работа со логопед, со специјален едукатор и рехабилитатор, според првичната проценка на детето ќе бидат ангажирани и други стручни лица ако детето има потреба од друг вид поддршка

 

Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ од Куманово вчера го промовираше Центарот за пружање на бесплатни услуги за работа за развивање и стекнување на животни, воспитни, социјални и културни вештини преку индивидуална и групна работа.

Објектот е сместен во поранешната месна заедница спроти основното училиште „Толи Зордумис“, а средствата за негова санација и адаптација се обезбедени од Општина Кумановоа и со поддршка на локалната бизнис-заедница.

– Во објектот функционираат две услуги, лична асистенција и дневен центар за индивидуална работа со дечиња од пет до дванаесетгодишна возраст. Сега имаме веќе 41 дете кое го посетува овој центар и му се даваат индивидуални услуги – изјави претседателката на здружението „Инклузива“, Благица  Димитровска.

Таа ги повика сите институции, но и градежните компании да ги запазат овие стандарди што се применети овде, бидејќи како што рече сè што се прави, рампите во училиштата и во институциите не се соодветни, ниту ги исполнуваат критериумите за пристапност.

– Не обвинуваме никого за оваа состојба во која се наоѓаат семејствата и децата со попреченост туку да дадеме придонес сите да нè разберат и да прифатат она што нам ни е потребно – нагласи Димитровска.

За таа цел, „Инклузива“ ангажира тим од дефектолози, логопеди, социјални работници, психолози, кои работат со децата на усвојување на комуникациски, интелектуални, моторни и когнитивни вештини.

–Нема да застанеме тука, јавно ги повикувам сите што се занимаваат со вакво тип на дејствување во општеството да се одважат и да се вклучат со нови предизвици со нови идеи општината е тука да помогне – изјави градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.

Тој упати апел до ресорното министерство за труд и социјална политика да ги интензивира активностите во локалните заедници за да можат општинските пари да се трансферираат за различни социјални услуги со кои ќе им се помогне на ранливите категории.

Претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, рече дека ваквите услуги се неопходни за развој на децата.

–Како општество, како политичари мора да сме посензитивни за потребите на различните категории граѓани. Услугите треба да се развиваат во таа насока – изјави Ѓорѓиевска.

Покрај индивидуалната работа со логопед, со специјален едукатор и рехабилитатор, според првичната проценка на детето ќе бидат ангажирани и други стручни лица ако детето има потреба од друг вид поддршка.

Во рамки на проектот предвидени се и социјални активности, посета на изложби, концерти, театар. Ќе бидат вклучени и родителите на кои ќе им се пружи психо-социјална поддршка.

Општина Куманово додели вкупно три милиони денари на пет граѓански здруженија кои се пријавија на јавниот повик за финансиска поддршка за вршење работи од социјална заштита.

„Инклузива“ 1.150.000 денари за Центар за дневен престој, при што нудат индивидуална работа со деца со попреченост.