Д-Р САШКО ОЛУМЧЕВ: Пикот на заболени од корона се очекува во септември, новиот ФЛИРТ-сој сè уште не е потврден во Македонија

1663
 – Новата варијанта на ковид-19, позната како ФЛИРТ, е најдоминантниот вид не само во светот туку и во регионот. Оваа варијанта, која еволуирала од сојот омикрон, се карактеризира со промени во шилестиот протеин – делот од вирусот што се врзува за клетките домаќини. И оваа варијанта е, исто така, малку непријатна за нас, поради симптоматологијата, за која, може да кажам, како да е пресликана од омикрон варијантата. Нема разлика ниту во патологијата ниту во начинот на пренесување, интензивно е заразен, се пренесува многу брзо, а она што е добро во сето ова е што има мал број хоспитализации – вели во интервју за весникот ВЕЧЕР епидемиологот Сашко Олумчев

 

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

Новата варијанта на ковид-19, позната како ФЛИРТ, е најдоминантниот вид не само во светот туку и во регионот. Оваа варијанта, која еволуирала од сојот омикрон, се карактеризира со промени во шилестиот протеин – делот од вирусот што се врзува за клетките домаќини. Oвие промени може да ја зголемат способноста на вирусот да ги инфицира клетките и да го избегне имунолошкиот систем дури и кај луѓе што биле претходно заразени или вакцинирани. За каква подваријанта се работи, кои се симптомите на ФЛИРТ, дали е изолиран кај нас, зошто се зголемува бројот на заболени токму сега, како да се заштитиме, ќе треба ли да се вакцинираме и дали ќе продолжи да се развива новомутираниот вирус пред зимата, кога обично се зголемуваат инфекциите и хоспитализацијата, за ВЕЧЕР разговаравме со епидемиологот д-р Сашко Олумчев од Центарот за јавно здравје – Велес, ПЕ Гевгелија.

– Од оригиналната варијанта на Вухан до делта, до омикрон и неколку други меѓу нив, вирусот продолжи да се развива. И денес дојдовме до ФЛИРТ. За каква подваријанта се работи?

FLIRT е најновата подваријанта, кој ние, инфектолозите, си го викаме внук на омикрон сојот, кој беше мошне непријатен лани.  Името „ФЛИРТ“ првпат беше споменато во март оваа година, од д-р Рајан Грегори, професор по еволутивна биологија при Универзитетот во Гелф, во Онтарио, а името е формирано од првите букви на техничките имиња за мутациите на протеинските шилести варијанти или специфичните промени на аминокиселините. И оваа варијанта е, исто така, малку непријатна за нас, поради симптоматологијата, за која може да кажам како да е пресликана од омикрон варијантата. Нема разлика ниту во патологијата ниту во начинот на пренесување, интензивно е заразен, за што во моментот погодуваат и временските услови, но и времето на годишни одмори, кога имаме интензивно движење на туристите во регионот. Иако сè повеќе се движиме на отворен простор и контактите ни се на отворено, сепак, близината на контактите, на плажите, во кафеаните и слично прави многу брзо да се пренесува овој сој. Она што е добро во сето ова е што има мал број хоспитализации.

– Кои се симптомите на ФЛИРТ?

Значи, симптомите што ги гледаме кај пациентите што се заразени со една од варијантите на ФЛИРТ се истите симптоми што ги гледавме кај омикронот во текот на изминатата година. Тоа е првенствено заболување на горниот респираторен тракт. Се јавуваат температура, треска, болки во телото, зацрвенето грло, кашлица, течење на носот, затнат нос понекогаш, гастроинтестинални симптоми. Она што е најкаректеристично, ако се јави остра болка во градите, тоа е најсигурен знак дека го имате овој вид ковид.

– Дали може овој вирус да го заобиколи нашиот имунолошки систем полесно отколку другите варијанти?

Полесно го заобиколува нашиот имунолошки систем, било да се работи за природниот било за вакцинално стекнатиот имунитет, поради новите три промени на спајк протеинот. Тоа придонесува инкубацијата на вирусот да биде многу кратка, со што болеста побрзо се манифестира, така што за кратко време поголем број од популацијата ќе биде заразен. Бројот на заразени расте секојдневно, што е нормално, а, еве, го гледаме тоа и од последниот извештај на ИЈЗ. Од 29 јули до 4 август, во Институтот за јавно здравје се тестирани 342 материјали за ковид-19 и регистрирани се 116 нови, позитивни случаи. Споредено со неделата пред тоа, бројот на позитивни резултати пораснал за речиси 50 проценти, односно од 78 пораснал на 116 позитивни резултати.

– Прв пат варијантите на ФЛИРТ беа откриени во САД, во отпадните води, и при нивното тестирање беа откриени траги од САРС-КоВ-2, кои циркулираат во заедницата, дури и ако луѓето немаат симптоми. Што Ви кажува тоа?

Едноставно, се работи за тоа што го применуваат сите поразвиени земји. Познато е дека секој вирус се отстранува од телото преку фекалиите, па затоа многу лесно се докажува неговото присуство преку отпадните води. Наместо да се спроведува скрининг на населението, ја бараме концентрацијата на вирусот во отпадните води и преку висината на концентрацијата над нормалата, не само што знаеме за која варијанта се работи туку и во кои делови или квартови од градот како циркулира вирусот. Затоа, на ваков начин, здравствените власти може многу бргу да реагираат и да подготват соодветна стратегија. Ова би можело да се спроведе и кај нас.

– Дали е изолиран вирусот ФЛИРТ во Македонија?

За жал, кај нас не постои можност за изолирање во лабораторија, бидејќи немаме таква. Кога ќе се земат примероци, тие се праќаат во референтни лаборатории надвор од земјава, кои потоа го потврдуваат или не присуството на вирусот. Верувам дека веќе се испратени вакви примероци и прашање е на време кога ќе се објави дека е потврден ФЛИРТ и кај нас, во Македонија.

– Зошто токму од мај расте бројот на заразени, а, еве, гледаме дека имаме благ пик во летниот период. На што се должи тоа?

Едноставно, туристичката сезона кај нашиот сосед, Грција,  започнува веќе во мај. Голем број туристи заминуваат на одмор таму, голем број туристи транзитираат низ нашата земја, од и кон Грција, па затоа мое мислење е дека оваа варијанта на ковид е донесена токму од Грција и е раширена најпрво во Србија, па во Бугарија, Црна Гора и во другите земји во регионот.

Она што го очекувам е бројот на заразени со овој вирус да расте до крајот на септември, кога го очекувам и пикот на заболувањето. Потоа, би следувал благ пад на заболените, за потоа да дојдат есента и зимата, кога би се очекувало повторно некое зголемување на бројот на заболени. Се надевам дека кај нас овој вирус ФЛИРТ нема да ја има онаа непријатна патологија како омикронот минатата година, кој се карактеризираше со потешка клиничка слика, особено кај постарата популација.

– Во претходните разговори со Вас слушнавме дека ковидот не е сезонско заболување како грипот и се регистрира и ќе се регистрира и во иднина, во текот на целата година. Дали очекувате и натаму да се „раѓаат“ сè понови варијанти како што е ФЛИРТ сега?

Да, ковидот ќе си циркулира секојдневно, а колку повеќе циркулира низ човечкиот организам толку тој постојано ќе се менува, а колкава ќе биде неговата јачина, ќе зависи од квалитетот на новите генерации на сојот. Поголем квалитет ќе донесе посилен сој, но ако имаме сој што има „дефектни“ гени, потсоевите постепено ќе ја губат јачината.

Она што е интересно е дека колку посилен имунитет има кај човекот толку ќе биде посилен новиот сој, бидејќи ќе се бори со зголемениот имунитет. Затоа велам дека кај нас нивото на колективниот имунитет не треба да биде ниту многу високо, ниту многу ниско, да имаме некој имуноодговор што би бил на средина, што, пак, ќе ја спречува мутацијата на вирусот.

– Која категорија граѓани е најподложна на ризикот да се инфицира од новиот сој?

Како и секогаш, тоа се постарите граѓани, поради појавата на бронхопневмонија што би можела да настане, лицата со некое хронично заболување, како и децата на возраст до шест месеци, кога го губат имунитетот од мајката, а немаат стекнато свој.

 

– Дали очекувате новомутираниот вирус ФЛИРТ да продолжи да се развива пред и во текот на зимата, кога обично се зголемуваат инфекциите и хоспитализацијата, и дали ќе има потреба од некои порестриктивни мерки, евентуално воведување карантин?

Не, карантинот го исклучувам како мерка, далеку од тоа, но секој пат треба да оставиме резерва. Не очекувам да се предизвикаат некои поголеми потреси од ФЛИРТ-ковидот, онаа симптоматологија, која ви ја кажав, трае пет-шест дена, затоа тој период, ако сте заразени, бидете изолирани за доброто на вашата околина, но и на вашите постари родители или роднини. Одржувајте хигиена, носете маски кога одите на лекар или во некој затворен простор.

– Дали ќе треба да се вакцинираме и за овој сој?

Ако се работи за оние вакцини што ги користевме досега, не знам колку би имале ефект тие врз овој ФЛИРТ-сој. Старите вакцини, можеби, би дале мало зголемување на нашиот имунитет. Но, ако се појави нов тип вакцина, која би била „дизајнирана“ за овој сој, тогаш дополнителната доза вакцина би имала ефект, бидејќи ќе доведе до зголемување на имунитетот. Сметам дека е најдобро што полесно да се прележи болеста и да се создаде природен имунитет, но поризичните групи раѓани треба да  внимаваат и доколку дојде до мешање на грипот и на ковидот во зимскиот период, пожелно е вакцинирање.

Човештвото треба да се подготви за болеста Х

– Некако ја поминавме ковид-пандемијата, но сега  почна да се споменува нова болест, наречена Х. За што се работи?

Самата болест Х е хипотетичка: таа не постои. Но, концептот на болеста Х опишува многу реална и растечка закана за човековото здравје и закана за која светот мора подобро да се подготви да одговори. Најнова болест X што се појави беше вирусот САРС-КоВ-2, што предизвикува ковид-19, со кој се судривме во 2020 година. Пандемијата на ковидот треба да ни биде една лекција за тоа дека треба да се подготвуваме однапред за евентуална појава на нови вируси. Зошто видовме колку беше неподготвен светот цела година, кога се појави ковидот. Постојат многу патогени што имаат потенцијал да предизвикаат пандемија што, можеби, сè уште ја нема кај луѓето. Тие често доаѓаат од вирусни семејства со одредени карактеристики, кои овозможуваат да станат пандемски патогени. Затоа СЗО работи на превентивни планови во случај на појава на болеста Х. Очекуваме да се случи нешто, не знаеме сега што ќе биде тоа, но треба да бидеме подготвени.

 

 ФЛИРТ на англиски значи „флертување“, но  јас не би флертувал со него!

 – За крај, едно малку поопуштено прашање, дали е опасно да се флертува со FLIRT, бидејќи овој збор на англиски значи „флертување“, „кокетирање“?

Секоја заразна болест е опасна сама по себе, тоа е нешто како хазардна игра. Но, со биохазардниот материјал нема игра, нема флертување, бидејќи не знаете каков ас има болеста в раце. Се работи за корона, вирусна инфекција што најбрзо мутира и со неа не сте секогаш на чисто. Затоа би било паметно да држиме дистанца и ако почувствуваме одредени симптоми, да се заштитиме себеси, со самоизолација пред сè. Тие три мутации на вирусот, кои ги споменав на почетокот, ќе доведат до нови подмутации, осебено на Балканот, бидејќи поминуваат голем број туристи низ него. Значи, да одговорам на прашањето, јас лично не би играл, не би флертувал со овој вирус. Колку подалеку – толку подобро.