Д-р Марко КИТЕВСКИ: Меѓурелигиски дијалог –  црквата „Свети Никола – Турбе“ е единствена на Балканот во која се молат и христијаните и муслиманите

114

Сега, кога повеќе од кога и да било е актуелно прашањето за меѓурелигиската толеранција, вреди да се потсетиме дека и во минатото, во Македонија, припадниците на различни религии имале пристојни меѓусебни односи. Некои записи сведочат дека до појавата на револуционерните движења луѓето живееле со убедувањето дека им е судбински одредено да живеат едни со други.

Марко Цепенков и во своите сведоштва за занаетите и за еснафите во Прилеп, во почетокот на 19 век, пишува дека еснафските празнувања биле заеднички меѓу Македонците и Турците, „бидејќи тогаш помеѓу нив имало братска љубов“. Тие, (Турците), верувале дека месното население им било оставено „тари-аманет“ од пророкот и дека прилепчаните им биле „топрак-кардаши“ (земни браќа, земјаци), та затоа ги сакале и им подавале рака за помош. Но оттогаш наваму, вели Цепенков, постепено исчезна тоа братољубие меѓу Турците и христијаните и никакви еснафски односи не останаа.

М. Цепенков во своите белешки за верувањата во Македонија пишува дека Турците многу ја почитувале Пресвета Богородица. На пример. ако некоја жена Турчинка, имала проблеми при породувањето, бабицата што бабувала гласно ја повикувала Богородицана помош: „Ела Муарем-Ано, да је поможиш на оваа сирота што се мачи и не може да роди. Поможи е, Муарем – Ано (у нас, Муарем – Ана ја викаат Богородица, турцки), за побрго да родит. Откако ќе се породела жената, бабата ќе ја земела метлата, ќе метела околу куќата и ќе велела: „Бегај Муарем – Ано, бегај оти овде турцка е куќата“. Така верувале оти породувањето било со помош на Богородица.

Особено за големите празници припадниците на различни вери си разменувале честитки, но и подароци. Кузман Шапкарев пишува дека еден или два дена пред Велигден, секое христијанско семејство праќало кај пријателите Турци дар: еден колак, со неколку (10-15) црвени јајца, кои Турците ги сметаат за голема чест, а непраќањето таков дар за провокација. Тој што го носел дарот бил наградуван со неколку пари.

И Христо Поп Антов во своите спомени посебно поглавје им посветил  на односите меѓу турското, односно муслиманското и христијанското, односно македонското население во Тиквешијата. И тој пишува за празнувањето на Велигден и праќањето подароци од страна на Македонците до Турците. „Уште на Велика сабота на познати Турци им носеа црвени јајца и парамак (козинак). Тоа многу ги радуваше. Велигденскиот подарок беше голема радост за Турците, што им се забележуваше од очите, вели Поп Антов. Подароците обично ги носеа деца. Се завиткуваа во крпа, која одеше заедно со подарокот. Децата што ги носеа, исто така добиваа голем бакшиш: 20 – 30 пари или грош.“

Интересно е што големите верски празници Велигден и Бајрам се празнувале и во некои затвори. Петар Манџуков, роден во скопското село Мирковци, припадник на анархистичкото движење во Македонија, од крајот на 19 и почетокот на 20 век, сведочи дека додека бил под истрага во затворот Куршумли-ан во Скопје присуствувал на ваквите празнувања.

„Во Куршумли-ан Турците го празнуваа Бајрам – го празнуваа три дена. Во текот на тие три дни, кога Турците се во ќелиите, христијаните им одат на гости. Кога се јават некои заинтересирани да одат на гости во некоја ќелија, чуварите ја отклучуваат вратата на ќелијата. Таква е традицијата. Турците се гостопримлив народ, секој се подготвил во тие три дена да прими гости. Оние од нив кои имаат блиски или познати во Скопје добиле тепсии со баклава, кадиаф и разни други слатки работи, а оние кои немаат блиски во градот, неопходните лакомства ги набавуваат со купување од пазарот. Ќелиите се исчистени подобро отколку што е вообичаено, послани се со чергичиња, килимчиња. Дојдените гости бидуваат поканети да седнат на почесно место, нарачуваат кафе, а еден од домаќините непрекинато витка цигари и им ги подава на гостите.

Доаѓа Велигден. Празнуваат христијаните – исто така три дена. Сега тие ги пречекуваат на истиот начин своите гости – Турци. И тие се како нив гостопримливи и љубезни.

 

И во двата случаја разговорите меѓу домаќините и гостите се водат со најљубезен тон, просто човек да не поверува дека истите тие луѓе така љубезни и претпазливи едни спрема други, се вдахновени уште од детството со незгаслива нетрпеливост и омраза. Нема никакво сомнение дека ако тие не биле систематски поттикнувани од власта, би живееле мирно, како додбри соседи и сограѓани.“

Интересно е што големото христијанско светилиште на брегот на Охридското Езеро, манастирот познат како Св. Наум Охридски чудотворец, го посетувале и луѓе од други вери, особено муслиманите од Македонија и од Албанија. За тоа во Летописот на манастирот се вели: „Оваа света институција стекна голем углед и чест и кај друговерци, а особено кај отоманите Бекташи, кои, не се знае од какви причини ова светилиште го викаат „Сари Салтик баба“ што преведено од турски значело  жолтобрадиот татко. Според едно предание кога дошле на гробот на Св. Наум неколку Турци замолиле некој од поупатените да им ги објасни ликовите на фреските. Кога тој што објаснувал рекол: „Овој е Свети Наум“, тие радосно извикале: „А тој е нашиот татко“. Интересен бил и начинот на кој се молеле Бекташите. Тие кога ќе дојделе кај манастирот чевлите ги оставале пред манастирската капија и до црквата се доближувале со метании. На враќање излегувале назад секогаш свртени со лицето кон црквата и пак со метании.

Особено Св. Наума го почитувале Еѓупците (Египќаните). За своето здравје како и за својот имот тие му благодареле на светителот и го дарувале манастирот со камбани, жива стока, пари и други подароци. Масовно го посетувале манастирот на неговиот празник и уште од вратата се поклонувале, застанувале до гробот на светителот и му се обраќале: „Свети Науме, докторе златен, спасителу наш“. И тие кога излегувале од црквата, оделе наназад до излезот, за да не му го завртат грбот на светителот.

Има многу преданија за случаите кога некој се обидел да разурне или да испогани верски храм, по што се случиле чуда, што биле толкувани како Божја казна или опомена, по што храмот бил даруван и заштитуван токму од луѓето од другата вера. На пример, споменатиот Христо Поп Антов сведочи дека кога била изградена црквата  во селото Ваташа на покривот немала никаков христијански знак – кренат крст. Во 1817 година црквата била завршена и осветена. Поставиле клепало да ги буди христијаните и да ги кани за Божја служба. На помаците (исламизирани Македонци) што живееле во близина тоа не им се бендисало и пратиле двајца луѓе со секири да го скршат клепалото. Влегле во црквата од задната страна и штом дедо му на до неодамна живиот Ахмет Кафеџи ја кренал секирата и замавнал на клепалото, останал така вкочанет. Другиот помак избегал. Се кренала цела врева. Фатениот стои со секирата в рака. Не може да оди. Го викнале поп Камче, синот на Аџи Коле, да чита молитви и да го моли Господа Бога на грешниот помак да му го продолжи животот. Итриот свештеник му рекол дека само со молитви Господ не ги прима молбите. Треба и нешто да се даде жртва. Израдувани дека попот ќе го моли Бога да му прости на грешниот Турците рекле: „Кажи, попе, кажи што да даруваме“.- „Ех на црква се даруваат свеќи, запалени пред иконите, и масло за кандилото.“ И спомнатиот помак во текот на целиот свој живот, секоја година го исполнувал својот долг – давал масло и свеќи, вели Поп Антов.

Хр. П. Антов уште сведочи дека благодарение на тоа црквата никогаш повеќе не била напаѓана. И самите помаци со стравопочит минувале покрај неа, како покрај свето место. Се сеќавам многумина полудени помаци и христијани ги врзуваа во задната просторија на  црквата каде што им се читаше молитва за од постраданиот да излезат демоните.

Според едно предание, Турците иделе да го ограбат манастирот „Св. Јоаким Осоговски“. Но на еден километар до манастирот пашата паднал болен. Откако повеќе лекари не можеле да го излекуваат го викнале игуменот од манастирот кој му читал молитва за да му бидат простени гревовите од страна на Св. Јоаким. Потоа тој оздравел и ја вратил војската назад, а на манастирот му донесол поклони: свила, кадифе, чоа и злато. Во друго предание, пак, се раскажува дека кога соборната црква била готова силен паша со башибозук се упатил да ја урива до темел. Но само што приближал до црквата тој паднал  неподвижен под коњот, војската се вратила, а манастирот се спасил од уривање. Се раскажува дека и султан Амид дошол болен во манастирот и оздравел со помош на светецот. „Тогаш наредил никој да не смее да го оштетува манастирот. Пред манастирот се наоѓа еден турски мермерен столб како знак дека ниту еден Турчин не смее да го наруши редот во манастирот“.

Вакви преданија се поврзани и со манастирот „Св. Прохор Пчињски“. Во едно се вели дека Синан паша наредил вратата да се отвори насилно. Но „секој што ќе ја подигнел секирата за да ја изврши наредбата останувал со вкочанети раце“.

И денес во манастирот „Света Пречиста – Кичевска“ муслиманите од западна Македонија го негуваат култот кон Мајката Божја. Особено на Богородичините празници муслиманите масовно влегуваат во западниот дел на храмот во кој се чуваат чудотворната икона и изворот со света вода, се молат и оставаат дарови. Заради овие посетители овој дел од храмот не е живописан.

Во радовишкото село Бучим, каде што живеат Турци – муслимани, еден жител по име Јонуз Ахмет пред неколку години по сон откопал темели од црква.  На сон точно му било кажано каде се наоѓа црквата, но тој не сакал да копа мислејќи дека ќе му се смеат селаните. Но откако му се случиле дури три искушенија почнал да копа и набргу го открил прагот на црквата, а потоа и вратата на црквата.

Црквата „Свети Никола – Турбе“ веројатно е единствена не само во Република Македонија туку и на Балканот по тоа што во неа се молат и христијаните и муслиманите – Бектеши и дервиши. Тука се молат и православните христијани од Поречието, но и Албанците од Пласница и Кичевско. Во црквата има христијански светители со муслимански имиња: Азети Илија е наречен Свети Илија, Иса Пенкамбер – Исус Христос, Ад’р Баба е Свети Никола. Месните жители раскажуваат дека во оваа црква доаѓаат и муслимански свештеници и тоа не само од Македонија. Со оваа црква се поврзани повеќе преданија за неговото настанување, за неговото обновување за јавувањето на Свети Никола итн.

Како и да е  има доволно показатели за заеднички живот, односно соживот на луѓе од разни религии во Македонија како во минатото така и денес. Некои односи останати од минатото и денес се почитуваат, што е појава што заслужува внимание.