Независноста и кредибилитетот на централните банки во регионот на Југоисточна Европа (ЈИЕ) беа столбовите врз основа на кои тие ги спроведоа политиките за справување со последните глобални економски шокови, со кои за само една година се намали најголемата инфлација во изминатите пет децении на едноцифрени стапки, а притоа беа избегнати рецесии и беше задржана финансиската стабилност.
Ова беше посочено на отворањето на Десетата меѓународна конференција на високо ниво, организирано од Народната банка во соработка со Комитетот за преобразување на Бретон Вудс (КПБВ), на тема „Централни банки и централнобанкарското работење во комплексно опкружување: Покажување на посветеност и одржување на кредибилитетот“.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето излагање посочи дека е неопходно да се изнајде модел за амортизирање на шоковите во нестабилен и постојано променлив економски амбиент.
– Еден од столбовите на стабилноста во непредвидливи услови се токму централните банки. Тие треба да ја зачуваат монетарната стабилност од двата екстрема: преголемиот страв што води кон паника и преголемата самодоверба што води кон опортунизам. За да можат успешно да ја реализираат својата важна задача, централните банки мора да бидат независни од централните власти заради отпорност на политичките влијанија и притисоци, што особено се засилуваат во кризни и изборни години, каква што е оваа 2024 година, која важи за најизборната во историјата на демократијата. Всушност, независноста им овозможува на централните банки да ја извршуваат својата незаменлива улога во намалувањето на инфлацијата, стабилизацијата на цените и одржувањето на макроекономската стабилност како предуслов за долгорочен економски раст – посочи Давкова.
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, се осврна на значењето на независноста на централните банките за спроведување на нивниот мандат, особено во контекст на предизвиците кои ги донесоа глобалните економски кризи во изминатите неколку години. Наведувајќи ја Народната банка како пример за независна централна банка, потенцираше дека независноста оди „рака под рака“ со отчетноста и транспарентноста, кои кај нашата централна банка се високо оценети од повеќе меѓународни институции.
Зборувајќи за идните предизвици за централните банки во регионот, гувернерката Ангеловска-Бежоска, посочи дека иако инфлацијата се намалува, се забележува поголема отпорност кај инфлацијата кај услугите, што ја магласија потребата од водење на соодветни политики поврзани со платите. Понатаму, за стабилизирање на инфлацијата на потрајна основа од големо значење ќе биде и поддршката од фискалната политика, како и спроведувањето на структурни реформи.
– Деглобализацијата, стареењето на населението и климатските закани, би можеле да ги намалат производните капацитети, правејќи ја понудата помалку еластична и на тој начин создавајќи „свет со поголема склоност кон инфлација“. Од друга страна, брзиот напредок во технологијата, како вештачката интелигенција, не само што може да го ублажи влијанието на горенаведените негативни сили, туку и да го подигне потенцијалот за раст. Овие трансформации бараат добро поставени реформи со цел да се зголеми отпорноста на економиите и да се намалат среднорочните инфлациски притисоци – порача Ангеловска-Бежоска.
Директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, истакна дека независноста на централните банки можат да биде основата на модерното централно банкарство, но и дека транспарентноста и отчетноста се она што ја балансира независноста на централната банка со принципите на демократијата.
– Македонија е импресивен пример. Создавањето независна централна банка во 1992 година беше клучно за да се намали хиперинфлацијата од раните 1990-ти. Народната банка е рангирана многу високо во новиот Индекс на независност на Централната банка на ММФ – посочи Камер.
Директорот на директор на КПБВ, Марк Узан, се осврна на функционирањето на централните банки во поликризното опкружување и како тие успеаа да ја задржат довербата кај јавноста и да се изборат со инфлцијата.
– Довербата којашто централните банки ја уживаа во светот, во текот на многу години, можеше да се изгуби ако општеството почнеше да се сомнева во нивната посветеност на стабилноста на цените. Некои генерации за првпат го доживеаја ризикот од транзиција на економијата кон режим со висока инфлација. Затоа, за да се врати ценовната стабилност, беше неопходно и соодветно централните банки решително да ја заострат политиката преку повисоки каматни стапки – посочи Узан.