Цената на водата за пиење нема да се зголеми до 2025 година

23

Цената на водата за пиење во Општина Карбинци нема да се зголеми до 2025 година, децидна е директорката на ЈП „Плачковица“-Карбинци, Елена Коцева. Таа изјави дека е во тек тестирањето на цевководите од Филтер станицата до населените места кои вода ќе добиваат од ХС „Злетовица“.

-Сакам да напоменам дека сè уште трае регулираниот период за цената на водата 2022 – 2024 година и до крајот на овој период нема да има никаква промена со цената на водата, не зависно дали се користи бунарскиот систем или системот „Злетовица“. Не се очекува промена на цената на водата, останува иста како досега – вели Коцева.

Таа забележа дека низ водоводната мрежа се намалени и загубите на вода споредбено со претходните години, меѓутоа не се сосема отстранети. Дополнително, се соочуваат и со проблеми со граѓани кои ја користат водата за пиење, но своите сметки редовно не ги плаќаат.

-Во споредба со изминатите години загубата на вода е намалена за 20 отсто, но, секако се соочуваме со загуба на вода, заради различни дефекти, неодговорност од страна на корисниците и слично – нагласи Коцева.

Таа апелираше граѓаните рационално да ја користат водата за пиење.