Параолимпиецот Мортеза Мехрзадселаќани (36) е вториот највисок човек во светот со 246 сантиметри, по Турчинот Султан Косен (41), кој е висок 251 сантиметар.
Мехрзадселаќани е дел од иранската одбојкарска репрезентација во седечка одбојка која моментално се натпреварува на Параолимписките игри во Париз. Со оглед на неговата висина, Мортеза има проблем да најде соодветен кревет. Селекторот на иранската репрезентација Хади Резаигаркани за официјалната веб-страница на Олимписките и Параолимписките игри изјави дека Мехрзад спиел на подот за време на ПОИ во Париз.
-Во Токио 2020 година му направија посебен кревет, но овде, за жал, не. Спие на подот. Нема посебен кревет, но ја има најважната цел во главата. Не му е гајле дали спие на под или има доволно храна, тој е подготвен да стане шампион, изјави Резаеигаркани.
На Мехрзадселаќани како тинејџер му била дијагностицирана акромегалија. Станува збор за хормонално нарушување поради кое неговите екстремитети и лицето брзо растат. Во младоста имал сообраќајна незгода во која тешко ја повредил десната нога која повеќе не расте и е 15 сантиметри пократка од левата. Тежи околу 140 килограми, а го има најголемото стапало во светот, долго 39 сантиметри.
Во минатото раскажа како последица на сите овие проблеми паднал во длабока депресија. Излезот го нашол токму во овој спорт. Ирански тренер го забележал и го направил еден од најдобрите параолимпијци во историјата на екипните спортови.
Иранската репрезентација досега седум пати од девет го освои златото во одбојка на седење на Параолимписките игри. Мехрзадселаќани, по неговото деби во 2016 година на ПОИ, може да го освои третиот златен медал. Исто така, Мехрзад е највисокиот спортист кој некогаш се натпреварувал на Параолимписките игри.