Булачани и Раштак без вода среде најголеми жештини

92

Жители на селата Булачани и Раштак во Општина Гази Баба последниве неколку дена кога температурите повторно се екстремно високи, а постои и опасност од пожари, немаат вода. Тие се обратиле до групата Зелените од Гази Баба на кои се пожалиле дека имаат недостиг на вода.

Зелените од Гази Баба ги повикаа надлежните од ЈКП „Гази Баба 2007“ да одговорат: Која е причината во ек на најголеми жештини граѓаните да бидат оставени без вода? Која е резервната опција за тие граѓани да си ги вршат најосновните потреби? Бидејќи е сезона на пожари доколку се случи не дај Боже, како тие граѓани ќе можат да делуваат за превенција на истиот. Ако информацијата е точна зошто службите не информираат за ова и кои се причините што довеле за ваквата состојба? Дали има советници од тој дел кои се залагаат оваа состојба да се реши?

Од ЈКП „Гази Баба 2007“ одговорија дека нивни екипи, денеска, почнувајќи од раните утрински часови, во соработка со инспекциските служби на Општина Гази Баба спровеле вонредни теренски контроли за диви приклучоци во населеното место Булачани.

– И во текот на наредните денови истата акција ќе продолжи на повеќе локации во истото населено место. За сите злоупотреби на водоводниот систем како и незаконско користење на водните ресурси ќе следува соодветна пријава од инспекциските служби – нагласија од ЈКП „Гази Баба 2007“.

Оттаму апелираат до жителите на Булачани рационално да ја користат водата за пиење и секоја забележана неправилност од страна на несовесни граѓани да ја пријават на општинските власти или на екипите на ЈКП „Гази Баба 2007“.

При тоа, напоменуваат дека пред десетина дена била поднесена кривична пријава против непознат сторител која се однесува на уништување на јавна инсталација. За тоа е известен јавен обвинител и веќе се води службена постапка од страна на надлежните органи.

(А.П.)