Утре започнува новата сезона на најквалитетното фудбалско натпреварување на Стариот Континент – Лигата на шампионите, а македонските обожаватели на најважната споредна работа на светот имаат многу причини за задоволство. Иако немаме свој клуб меѓу елитата, сепак, имаме четворица интернационалци на ова еминентно натпреварување.
Елиф Елмас ги брани боите на Ред бул Лајпциг, Стефан Ристовски и Ариен Адеми се дел од Динамо Загреб, а тука е и најновата аквизиција на најпријатното изненадување во фудбалска Европа за минатата сезона, тимот на Џирона. Станува збор за Бојан Миовски (25), кој ќе се обиде да биде достојна замена за Артем Довбик, кој лани блескаше во дресот на шпанскиот клуб.
Миовски веќе подолго време се наоѓа во одлична форма, за што најдобро говори фактот што пред неколку дена, заедно со Енис Барди, ѝ донесе победа на Македонија (2:0) во дуелот против Ерменија, во рамките на Лигата на нациите. Тој, исто така, имаше извонредна сезона во дресот на Абердин лани, која ја заврши со 16 погодоци, помагајќи му на клубот да се пробие до третото место во лигата, зад Селтик и Ренџерс, и да се квалификува за Лига Европа. Тоа беше јасна препорака за челниците на Џирона да ги осигурат услугите на македонскиот голгетер. Тоа воедно нам ни беше мотив плус да го искористиме неговото присуство во националниот дрес и да направивме ексклузивно интервју за весникот ВЕЧЕР, во кое откри какви се амбициите на шпанскиот клуб за оваа сезона, кој би бил неговиот следен чекор во кариерата и многу други работи.
- Сè уште сум во процес на адаптација во Џирона. За мене, ова е огромен чекор во кариерата, играм за екипа што заврши веднаш зад Реал Мадрид и Барселона во шпанското првенство минатата сезона и е дел од Лигата на шампионите оваа сезона. Како што знаеме сите, ова е тим што е во сопственост на газдите на Манчестер сити. Тоа е огромна чест за мене, особено што ќе играме во Лигата на шампионите, што, за мене, е остварување на сонот – започна Миовски.
Фото: П. Стојановски
Потоа се надоврза и на првиот дуел што го игра неговиот тим, со еден од претендентите за трофејот, екипата на ПСЖ.
- Ќе имам деби против силниот ПСЖ, што е едно ново искуство за мене, како и шпанската лига, која е една од најдобрите во светот. Би сакал да го рефлектирам сето тоа искуство и во националниот тим, за што подобри резултати во иднина – додаде македонскиот голгетер.
Но, не можеше да не се присети и на тимот во кој се етаблираше како фудбалер, односно каде што се искачи неколку скалила погоре.
- Фудбалски, Шкотска е одлична за млад фудбалер. Во оваа земја им се посветува огромно внимание на младите фудбалери. Доколку си добар, лесно можеш да дојдеш до некој од европските гиганти, што беше случај и со мене. Абердин засекогаш ќе остане во моите сеќавања, тоа е тим што ме издигна како фудбалер, ме изгради како личност, а потоа го соборив и клупскиот рекорд кога се трансферите во прашање. Заминав во најдобрата лига, секако, тоа беше одлична можност за двете страни. Што се однесува до временските услови, Шкотска е доста мрачна како земја, сега сум на потопло и верувам дека ќе биде одлично за приспособување во Шпанија.
Исто така, зборуваше и за амбициите на суперинтересната Џирона кога е Лигата на шампионите во прашање.
- Нормално, ќе играм натпревари со силни противници. Имаме свои цели, не сме таму само да учествуваме. Сигурно е дека ќе имаме свои шанси, сакаме да ги искористиме за да се пласираме во следната рунда – вели Миовски.
Ниту шансите за пласман на Македонија на СП не се за отфрлање, а и нашиот репрезентативец го потврди тоа.
- Имаме одлична група, но не започнавме онака како што посакувавме. Сепак, мечот со Фарските Острови ни беше за поука (1:1 на гости), па со победата над Ерменија работите си дојдоа на свое место. Покажавме менталитет кога најмногу требаше, а да се победи Ерменија со 2:0, со играч помалку, не е мала работа. Моментално сме на првото место во групата и наша цел е да останеме таму, односно да се квалификуваме во плејофот.
Секој фудбалер има свои цели, па така и Миовски. На прашањето кој е неговиот следен чекор во кариерата, тој го избра најдобриот клуб на светот, тимот на Реал Мадрид.
- Реал Мадрид. Тоа е клуб што отсекогаш ги имал моите симпатии. Тој, можеби, е најголемиот клуб во светот, ако не и најголем според титулите. Тим што има неверојатни навивачи, неверојатни фудбалери продефилираа таму, како Кристијано Роналдо… Мојот сон е еден ден да заиграм на „Сантијаго Бернабеу“, но за тоа – потоа. Некогаш навивав за нив, денес ќе ми бидат противници, што не е мала работа, но на теренот нема идоли, барем не сега, кога играм за друг клуб, односно конкурент на Реал. Без разлика дали е Реал или Барселона, секогаш давам 200 отсто за тимот за кој настапувам – напомена 25-годишниот Бојан.
Инаку, македонскиот репрезентативец го започна фудбалскиот пат во Брегалница, во 2016 година. По само една сезона мината во редовите на Работнички, а пред да почне неговата интернационална кариера, го носеше дресот и на Македонија Ѓорче Петров и на Ренова, од каде што замина во унгарски МТК. Одличните 56 настапи и 15 погодоци во тимот од Будимпешта беа јасен сигнал за шкотски Абердин, каде што блесна во наредните две сезони, запишувајќи 32 гола на 77 натпревари.
Македонскиот голгетер ова лето се пресели во Џирона, а неговиот трансфер, според специјализираниот сајт „Трансферфид“, кој е со помош на вештачката интелигенција, го смести во топ-100 трансфери за ова лето.
„Трансферфид“ користеше вештачка интелигенција и четири критериуми според кои биле анализирани податоците и биле избрани најголемите ѕвезди во летниот преоден рок, а Миовски го привлече вниманието на Џенова, Еспањол, Болоња и на Саутемптон, со што се најде на 98. место на листата на која првото место го зазема Дани Олмо, новакот на каталонскиот гигант Барселона.
Кристијан ТРАЈКОВСКИ