EPA-EFE/ADRIAN DENNIS

Поранешниот тенисер Борис Бекер во интервју за британски „Телеграф“ призна дека му недостасува Вимблдон и дека се надева дека ќе се врати како стручен консултант на споменатиот Грен-слем во 2025 година, кога истекува забраната што ја доби по напуштањето на затворот во Лондон.

По тој повод, Германецот, проговори и за Новак Ѓоковиќ, кој од неодамна е без тренер, по разделбата со Горан Иванишевиќ. Откако постојано се зборуваше дека токму Бекер ќе го наследи Иванишевиќ во стручниот штаб на Ѓоковиќ, Германецот ги расчисти сите дилеми.

  • Мислам дека Новак моментално бара нешто поинакво, не сум сигурен дека точно знае што е тоа. Тој секогаш ќе ми биде близок пријател, секогаш зборуваме за тенис. Но, не можам повторно да бидам негов тренер, бидејќи тоа го правев порано. Тоа би било чекор наназад за мене, истакна Бекер, па додаде:
  • Изненаден сум од неговата одлука да се повлече од турнирот во Мадрид. Мислам дека му требаат натпревари во оваа фаза. Му треба конкуренција. Но, тој има свој распоред. Мислам дека освојувањето злато за Србија на Олимпијадата е неговата главна цел, па можеби планира да биде свеж за јули. Никогаш не потценувајте го, порача Бекер.