По повредата на Николо Лапровитола, Барселона најде решение на позицијата еден во Литванија. Останува прашањето дали Жалгирис може да го задржи својот најдобар играч?

Французинот Силвен Франциско е еден од играчите кои најмногу се истакнаа на почетокот на оваа сезона во Евролигата. Тој е водач на литванскиот тим, кој новата сезона ја започна со четири победи и еден пораз.

Сега, според шпанските медиуми, тој е една од главните цели на Барселона за засилување на одбранбените позиции.

Имено, Франциско би бил замена за Лапровитола, кој се здоби со повреда на предните вкрстени лигаменти.

Оваа сезона, Французинот игра одлична кошарка и во просек бележи по 13 поени, два скока, пет асистенции и една украдена топка по натпревар во најквалитетното европско натпреварување.

  • Јас сум играч кој не знае да игра себично. Некогаш се прашувам дали сум бил себичен, но секогаш на прво место гледам каде се моите соиграчи. Играм со чист инстинкт и тогаш никој не може да ме спречи. Го наоѓам токму она што сакам да го најдам, изјави неодамна Франциско за „BasketNews“.

Останува вистинското прашање дали Жалгирис ќе го пушти одличниот кошаркар и колку Барселона всушност е подготвена да плати за услугите на овој плејмејкер.