Арсовска бара да се изгласа одлуката за набавка на нови автобуси

132

– За седницата на Советот закажана за 16 јули, по 21. пат е доставена предлог-одлуката за нови еколошки автобуси до советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои повеќе од две години не гласаат за нови автобуси, иако имаат мнозинство во Советот на Град Скопје. Бидејќи, согласно со закон, градоначалник не може да донесе одлука за набавка на нови автобуси, единствена одговорност, по повеќе од две години, за недостигот на автобуси во јавниот превоз имаат советниците од ВМРО-ДПМНЕ, од кои, како власт и мнозинство во Град Скопје, зависи дали ќе има нови наместо дотраени екоавтобуси и подобар превоз – соопштија од Град Скопје.

Оттаму посочуваат дека со цел советниците од ВМРО-ДПМНЕ да немаат оправдание за неносењето на одлуката за нови еколошки автобуси, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, континуирано им предлага да го контролираат целосно процесот, односно и банката што ќе го финансира проектот, како и условите за набавка на екоавтобуси да ги изберат самите советници во рамките на Советот, бидејќи оваа одлука единствено тие можат да ја донесат.

– Како очигледна демонстрација на сила и самоволие, спротивно на Деловникот и на Статутот, претседателот на Советот, Трајко Славески, ниту на седницата на Советот закажана за 19.6.2024 година не ја стави точката за нови автобуси на дневен ред, за гласање. Иако скопјани чекаат на автобуските станици поради недостиг на автобуси и дефекти, ВМРО-ДПМНЕ не гласа за нови автобуси, иако ги има ветено пред граѓаните, на локалните избори во 2021. Во претходниот мандат 2017-2021 година, советниците на ВМРО-ДПМНЕ гласале за набавка на еколошки автобуси по предлог на СДСМ, во истата форма како и сега и без никакви забелешки, бидејќи тогаш сметале дека треба да поддржат нови автобуси во интерес на граѓаните – потенцираат од Град Скопје.