Градоначалничката на Париз, социјалистката Ана Идалго, го одложи своето капење во градската река Сена. Ова би требало да се случи по вториот круг од парламентарните избори, кои се закажани за 7 јули.

Идалго неодамна вети дека на 23 јуни ќе влезе во Сена, сè со цел да им докаже на сите дека е чиста реката, бидејќи токму таму треба да се одржат неколку натпреварувања од годинашните Олимписки игри.

  • Нема да биде на 23 јуни. Ќе си дадеме време да поминеме низ парламентарните избори. Но, дефинитивно ќе има капење пред Игрите – изјави Идалго.

Дури и пред ненадејното распуштање на Собранието што го најави францускиот претседател, Емануел Макрон, во неделата, 23 јуни не беше релевантен за капење на градоначалничката, поради „обилните дождови во мај и многу силниот речен тек“ – посочи градската управа на почетокот од јуни.

Свеченото отворање на Игрите, кои ќе траат од 26 јули до 11 август, ќе се одржи на Сена. Натпреварувачите во триатлон, пливачки маратон и во паратриатлон ќе скокнат во водата на таа река, во чие прочистување се инвестирани 1,4 милијарди евра.

Сепак, останува неизвесноста околу одржувањето на олимписките натпревари на Сена поради квалитетот на водата, која од 2023 година не ги задоволува европските стандарди поради големото присуство на две фекални бактерии во неа, кои секојдневно се проверуваат.

Неодамна започна употребата на „ретензија“ – базени за задржување на дождовница и на отпадната вода, но во случај на силен дожд, непречистената вода може да се излее од нив во реката и да донесе загадување, што би го оневозможило капењето.

Се планира во летото 2025 година, во Париз да се отворат три јавни базени на Сена, од кои едниот недалеку од Ајфеловата кула.