Албанскиот фудбалер кој ги навредуваше Македонците „се пере“ по скандалозниот потег на ЕУРО24

313

Албанскиот играч од средниот ред, Мирљинд Даку, роден во Гњилане, ги навредуваше Македонците скандирајќи во мегафон по ремито 2:2 на неговата репрезентација против Хрватска на Европското првенство во Германија.

26-годишниот Даку, моментално фудбалер на Рубин од Казан го предводеше „навивањето“.

Видеото можете да го погледнете ТУКА.

Свесен дека по овој гест може да биде казнет, ​​Даку се обиде да се „извади“ на Инстаграм и напиша нешто што личи на извинување.

„Најпрво сакам да им се заблагодарам на сите кои не поддржуваа и во добри и во лоши моменти. Само оние кои се на терен знаат какви емоции чувствуваш и какво е чувството кога играш за репрезентацијата со нашето мото „Албанија без граници“. Ако навредив некого по мечот со Хрватска, барам прошка“, напиша Даку.

Се очекува реакцијата на УЕФА за срамната реакција на албанскиот фудбалер. Следниот натпревар Албанците го играат против Шпанија.

Шпански „АС“ пишува дека Европската куќа на фудбалот (УЕФА) води истрага и собира докази со кои ќе потврди дека Даку е виновен и ќе му изрече суспензија.

Засега нема реакција од УЕФА за конечната одлука, но постојат големи шанси Даку да го пропушти последниот дуел од групната фаза против Шпанија.