Ајде заедно да бидеме среќа за 15 семејства!

1794

Здружението на граѓани „Куќа на среќата“ организира хуманитарна акција за собирање  парични средства за да се испратат 15 семејства на одмор во Неа Пори, Грција, бидејќи 15 апартмани чекаат на нив. Веќе се обезбедени овие апартмани како донација, но семејствата не се финансиски моќни за да може сами да ги обезбедат превозот и сите дополнителни трошоци за еден одмор.

– За нив, идејата за одмор и време поминато со најблиските е далеку од реалноста – нагласуваат од Здружението.

Потребно е да се обезбедат трошоци за превоз, туристичка такса и осигурување. Превозот што е најден, за цел автобус од 50 лица, изнесува 80.000 денари, туристичката такса изнесува 90 денари од ден и осигурувањето во зависност од бројот на членовите, во износ од 300 до 1.000 денари.

Со донирањето средства ќе ѝ се приклучите на иницијативата „Одмор за едно семејство“, која ја организира ова Здружение, преку фејсбук-групата „Бесплатно сместување Македонија и превозници со големо срце“.

– Ајде заедно да бидеме среќа за 15 семејства, среќа за многу мајки и татковци, среќа за многу деца… Помогнете ни да ги собереме потребните парични средства за да може да ги испратиме на море. Вашата помош е нивна среќа – донирајте за бесплатен одмор – повикуваат од „Куќа на среќата“.

Оттаму додаваат дека нема многу време, но за тоа има хумани граѓани, хумани компании, кои може да помогнат и да ја исполнат желбата на неколку деца и семејства да бидат испратени на одмор.

– Некои деца сè уште се надеваат на море и на песок, за нив летото ќе трае и ќе биде посакувано во кој било период од годината. Вашата помош е клучна. Со вашата добрина, можеме да им овозможиме на овие семејства незаборавно искуство и момент на среќа – велат од Здружението.