Aтелје 212 од Србија со „Лоунли пленет“ – во живо на МОТ

61

На 3 декември во МКЦ во рамки на програмата на 45. „Млад отворен театар“ Aтелје 212 од Србија ќе ја изведе претставата „Лоунли пленет“ од 18 и од 20 часот, а во присуство на публика.

„’Лоунли пленет’ е претстава од имерзивен карактер, која се изведува на отворени и затворени простори, околу и во театарската зграда, намерно избегнувајќи го класичниот сценски простор, односно самата сцена. Преку колажната структура од пет авторски и изведувачки гласови, кои се испреплетуваат и се провираат едни со други, уметниците ја водат соодветно оддалечената публика на туристичка турнеја низ двете страни на паричката на утопијата и дистопијата на нашето (театарско) секојдневие. ‘Лоунли пленет’ претставува слалом преку можните утопии и дистопии на нашите градови и нашите интимности и се фокусира на неколку прашања: Како го користиме јавниот простор за да ги претвориме нашите индивидуални проблеми и потреби во општествени? Како размислуваме за светот пред и по заканата што се појави, во разни, дури и поопасни форми? Како ги спроведуваме најелементарните интеракции со други луѓе, предмети, суштества додека сме во позиција на апсолутна несигурност за тоа каков живот нѐ чека утре? Оваа претстава е одраз на светот во првата половина на 2020 година, додека истовремено се обидува да ги преиспита формите на театар што може да се случат и покрај вирусот, и следствено на тоа, потенцијалните форми на заедништво во јавниот простор на иднината“, се посочува кон претставата.

Концептот на претставата е на Маја Пелевиќ, Димитрие Коканов, Олга Димитриевиќ, Тања Сљивар и Игор Коруга, кои настапуваат како изведувачи.