Aнгелов: Скопје не го исполнува Договорот за добрососедство и тоа е проблемот

Треба да оставиме да се формира владата, за да се дојде до решение за разликите меѓу Бугарија и Северна Македонија, изјави вчера бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов.Разговорите продолжуваат, тие никогаш не запреле и се водат доверливо меѓу двете министерства за надворешни работи. Договорот за добрососедство не се исполнува и тука е целиот проблем. Ние бараме тој да почне целосно да се исполнува во сите аспекти, рече Ангелов. Известувачот во Европскиот парламент за Северна Македонија, Илхан Ќучук деновиве порача македонската Влада што поскоро да одговори на бугарскиот пакет „пет плус еден”, а вицепремиерот Артан Груби обелодени дека македонската влада е подготвена со одговори за кои “ мислиме дека се удобни за бугарските ставови и ќе овозможат деблокирање на ветото”, без да прецизира што подразбира под “удобни одговори”. Теоретски, можно е да се гласа за новата влада на Бугарија на 15 декември, но многу е малку веројатно изборот на владата да биде поврзан со претстојниот Европски совет на 16 и 17 декември, на кој Македонија очекува датум за почеток на преговори, објави бугарското издание на „24 часа”.

90

Треба да оставиме да се формира владата, за да се дојде до решение за разликите меѓу Бугарија и Северна Македонија, изјави денеска бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов.

„Разговорите продолжуваат, тие никогаш не запреле и се водат доверливо меѓу двете министерства за надворешни работи. Се надевам дека ние ќе добиеме нова влада. Утре е првата сесија на новиот Парламент на Бугарија и се надеваме дека новата политичка влада ќе постигне договор со владата на Северна Македонија. Треба да оставиме да се формира владата, затоа што во Парламентот има седум политички партии и е многу тешко постигнувањето на решение, така што се надевам дека прво ќе избереме влада за да може да се дојде до решение“, рече денеска Ангелов, на новинарско прашање за надминување на билатералниот спор и за тоа дали бугарската страна ќе има нов пристап во разговорите.

Запрашан за 16-те пресуди од Европскиот суд за човекови права за прекршување на правата за здружувањето на македонското малцинство во Бугарија и негирањето на македонско малцинство, како и на инсистирања на Софија за почитување на правата на бугарското малцинство во Северна Македонија и дали тоа бугарската страна го крши Договорот за добрососедство, Ангелов вели дека проблемот е што Договорот за добрососедство од 2017 година не се исполнува од македонска страна, но и, како што вели, дека нема претензии од Бугарија за бугарско малцинство во земјава.

„Договорот за добрососедство не се исполнува и тука е целиот проблем. Ние бараме тој да почне целосно да се исполнува во сите аспекти. Бугарија во Уставот како и Франција не признава малцинства, сите граѓани се еднакви пред законот, односно не признаваме колективни права, секој има индивидуални права да се чувствува како што сака и ние тоа не може да го забраниме, ниту правото да се здружува. Тука има уште една неоснована теза дека ние никогаш не сме претендирале дека има бугарско малцинство во Република Северна Македонија“, рече амбасадорот Ангелов.

Теоретски, можно е да се гласа за новата влада на Бугарија на 15 декември, но многу е малку веројатно изборот на владата да биде поврзан со претстојниот Европски совет на 16 и 17 декември, на кој Македонија очекува датум за почеток на преговори, објави бугарското издание на „24 часа”.

Советот за општи работи на ЕК, треба да одлучи дали ќе и даде на Македонија прв позитивен сигнал за отворање на европските врати или повторно ќе останеме во чекалната во која се наоѓаме веќе 16 години како земја кандидат за ЕУ. Заглавени во бугарската блокада, сите напори се насочени кон деблокирање на спорот, но Бугарија не отстапува од веќе подвлечените црвени линии. Македонската влада оптимистична за преговорите со Софија.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби е оптимист дека во декември ќе има позитивни сигнали за почнување на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.

„Оптимизмот доаѓа од поседувањето на информации. Значи, имаме целосни информации за случувањата меѓу Скопје и Софија и тоа ни влева целосна самодоверба дека ова прашање може да се надмине. Се обидуваме на 14 декември на состанокот на Советот за општи работи на ЕК да го имаме првиот позитивен сигнал, кој ќе ни ги отвори вратите. Подготвени сме со одговори за кои мислиме дека се удобни за бугарските ставови и ќе овозможат деблокирање на ветото. Целта е во јануари, февруари или март да се реши ова прашање и во месеците од наредната година да се одржи оваа меѓувладина конференција, со која ќе почнат преговорите за членство со ЕУ“, изјави Груби во телевизиско гостување.

Во насока на размена на мислењата, до каде се стаса во решавањето на проблемот е и телефонскиот разговор кој го остварија во вторникот вечерта, премиерот Зоран Заев и бугарскиот претседател Радев.

„Македонската Влада што поскоро да одговори на бугарскиот пакет „пет плус еден”. Брисел очекува во овој дел да види суштински напредок бидејќи тоа е патот кој ја води земјата кон почеток на преговори со ЕУ. Времето е кратко и максимално продуктивно треба да се искористи“, порачува известувачот во Европскиот парламент за Северна Македонија, Илхан Ќучук.

Според европратеникот, историските прашања се важен дел од заедничкото минато, но сега е многу поважна иднината.

„Погрешно е да се мисли дека земјите членки ќе извршат притисок врз Бугарија бидејќи тоа е невозможно”, изјави Ќучук.

Инаку, Патоказот со пет точки го содржи прашањето за краткото име, прашањето за говорот на омраза, на рехабилитацијата на жртвите на комунизмот, на работата на Историската комисија, на немешањето во внатрешните работи на Бугарија, а во септември оваа година се надоврза плус една точка за вметнување на Бугарите како малцинство во македонскиот Устав.

И амбасадорката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска Рејчел Галовеј вчера изрази надеж дека со составување на Владата во Бугарија интензивно ќе продолжи евроатлантскиот процес за Северна Македонија.

Бугарскиот политички процес сè уште не е завршен, но штом ќе се формира влада, се надевам дека ќе има брзо придвижување, изјави Рејчел Галовеј.

Опозицијата, пак, смета дека Македонија и сега во декември нема да добие зелено светло од ЕУ. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, вели дека откако на маргините на конференцијата за трансатлантска безбедност, во Вашингтон, разговарал со европски делегати, нема шанси Македонија во декември да добие датум за преговори со ЕУ ниту, пак, во првата половина на следната година.

(В.М.Б.)