“Пронајди го она што го сакаш. Работи го она што го сакаш. Со тоа, работата нема да биде работа”.

Ова звучи премногу добро за да биде вистинито, бидејќи и е, смета директорот на компанијата “Apple”, Тим Кук.

“Постои изрека дека ако го правите она што го сакате, нема да работите ниту еден ден во животот. Во “Apple” научив дека тоа е тотална глупост”, изјавил Кук во својот говор на универзитетот Тулејн во Њу Орлеанс. 

“Всушност, кога ќе најдете работа за која сте страстни, ќе работите напорно, но нема да ви смета тоа што работите. Ќе работите повеќе отколку што некогаш сте мислеле дека е можно, но алатот во вашите раце ќе биде лесен”, додал директорот кој станал дел од “Apple” на повик на култниот претприемач Стив Џобс.

Тогаш тој бил инспириран од поголемата цел што стои зад самиот производ.

“Стив Џобс во 1998 година ме убеди да го оставам “Compaq” зад себе и да ѝ се придружам на компанијата која тогаш беше на раб на банкрот. Направија компјутери, но барем во тој момент луѓето не беа заинтересирани да ги купат. Стив имаше план како да го промени тоа и сакаше да бидам дел од истото”, изјавил Кук.

Иако Тим Кук ја сака работата која ја работи, тој секако работи многу напорно. Генералниот директор на “Apple” станува пред 4 часот наутро.

“Сакам првите неколку часа по будењето да ги разгледувам коментарите на корисниците и сличните работи кои се фокусирани на луѓето надвор кои нѝ се толку важни. Потоа одам во теретана и вежбам еден час бидејќи со тоа го одржувам стресот под контрола”.