AРСОВСКА :Да се слушне гласот на приватниот сектор, оти тој е моторот на економијата и развојот

За стопанството очекувањата  за 2020 година не се оптимистички, со оглед на тоа што ќе биде изборна година. Според Арсовска, потребно е да се слушне гласот на претприемачите и оние кои сами се борат за својата иднина во приватниот сектор, тоа е единствениот начин за развој на стопанството, зголемување на бројот на работни места и подобрување на животниот стандард за сите

195

Владеењето на правото, интензивна борба со сивата економија и подобрување на деловното опкружување се само дел од мерките за кои се залагаат бизнисмените кои се дел од Сојузот на стопански комори.

Како што вели за весникот ВЕЧЕР, Данела Арсовска, претседател на Сојуз на стопански комори на почетокот на 2019 година комората доставила седум приоритети од приватниот сектор за подобрување на деловното опкружување и постигнување економски раст, поддржано со 78 економски мерки.

– Во приоритетите на стопанството како клучни беа истакнати барањата да не се менуваат законите брзо и без активно учество на релевантните страни кои го застапуваат приватниот сектор, да се интензивира борбата со нерегистрираните бизниси, односно со сивата економија, а како најважно беше истакнато да се демонстрира јасна волја за овозможување на владеење на правото и отстранување на сомнежите за коруптивно однесување – вели Арсовска и дополнува дека во изминатата година општата и економската стабилност беа поткопани од политичката поларизација, непочитување на владеењето на правото, што дополнително ја разниша довербата на компаниите и граѓаните.

Арсовска нагласува дека како годинава така и за следната 2020, приоритет ќе биде интензивирање на борбата со нерегистрираните бизниси, односно со сивата економија која во моментов е над 37% од вкупната економија.

Нашите препораки се институциите да пристапат кон доследна имплементација во пракса на Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност. Сојузот активно се вклучува со бројни механизми во заедничка акција за детектирање и санкционирање на нелојалната конкуренција од нерегистрираните субјекти од сивата економија кои затајуваат данок. Во исто време во соработка со институциите континуирано се залагаме за едукативна наместо репресивна функција на инспекциските служби кон компаниите, за достоинствен третман на даночните обврзници од приватниот сектор кои редовно и совесно ги плаќаат даноците – вели Арсовска.

За бизнисот очекувањата на стопанството за 2020 година не се оптимистички, со оглед на тоа што ќе биде изборна година. Таа укажува дека по повеќе години континуирани изборни циклуси, јасно е дека во состојби на висок ризик, се реализираат единствено почнатите инвестиции.

Новите планирања за долгорочни инвестиции кои треба допрва да почнат бараат стабилност, предвидливост и ризикот за инвестиции да не биде преголем. За подобрување на деловниот амбиент неопходен е инклузивен процес со високи приоритети и реформи во јавната администрација, овозможување на владеење на право и обезбедување функционални механизми за сузбивање на корупцијата -смета Арсовска

За 2020 година потребно е да се насочат сите ресурси на институциите на власта во изнаоѓање на квалитетни решенија кои ќе бидат доследно имплементирани. Сојузот предлага активно да се работи на обезбедување финансии и активни мерки за поддршка, за малите и средни претпријатија да напредуваат. Стартапите и претприемачите треба да се мотивираат преку обезбедување добри услови за нивен раст, преку создавање квалитетен стартап екосистем, со даночни олеснувања во првите години од основањето и градење цврста основа за развој и одржливост.

Воедно потребно е и поддржување на пилот проекти за институционална поддршка и инвестирање во македонски компании и производи со голем потенцијал, а со тоа вложување во развој и градење на силни брендови и на промоција на Македонија како земја на потекло на препознатливи бренд производи.

Неопходно е да се прифати и пристапи кон пракса на креирање легислатива која ќе го стимулира растот на економијата и ќе донесе успех во иднина. Потребно е да се слушне гласот на претприемачите и оние кои сами се борат за својата иднина во приватниот сектор, тоа е единствениот начин за развој на  стопанството, зголемување на бројот на работни места  и подобрување на животниот стандард за сите. Проценките за економски раст за следната година се движат од 3,2 до 3,8 според анализите на меѓународните финансиски институции. Со овој раст на бруто-домашниот производ, ние ќе го достигнеме европскиот просек за повеќе од 30 години. Затоа потребно е да се реформира свеста кај политичарите и приоритет да им биде реализација на мерките на приватниот сектор, така ќе добиеме услови за зголемен раст и развој на македонската економија без одложување – заклучува  Арсовска.

(В. Ма.)