AНИМА МУНДИ:Шетање на домашни кучиња не само наутро, туку и по 21 часот

816

Од Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ реагираат до Владата и Главниот координативен кризен штаб да изнајде начин како да им се овозможи на лицата постари од 65 години да можат да ги изнесат надвор своите домашни миленици да извршат нужда и по 21 часот, кога стапува на сила полицискиот час.

Тие велат дека за овие лица треба да биде направена отстапка по примерот на Бугарија и Италија.

– Реагираме во врска со одлуката на Владата за воведување полициски час и воведената забрана за движење на лица постари од 65 години. Бараме да биде направена отстапка како што е дозволено во Италија и Бугарија, односно да биде дозволено шетање на миленик (куче) во близина на местото на живеење. Многу повозрасни граѓани кои неретко живеат сами, имаат миленици, кои поради извршување на физиолошки потреби мора да бидат прошетани неколку пати во текот на денот, не само наутро, а некогаш и подоцна од 21 часот – се вели во реакцијата на „Анима Мунди“.

Скопјанката Гизела Иса Мако се прашува како баба од нејзиниот влез ќе му овозможи на кучето да врши физиолошки потреби кога не смее да излезе 18 часа.

– Секоја држава го има регулирано ова, а само ние се правиме дека кучињата не се дел од ова општество. Ме интересира кој ќе и го шета кучето кога сама живее – се прашува таа.

Од „Анима Мунди“ бараат министерот за здрвство, Венко Филипче јавно да каже дека милениците и бездомните кучиња и мачки не го пренесуваат вирусот Корона како што соопштува Светската здравствена организација, со цел да се избегне создавање паника кај населението и непотребно дефокусирање од потребните мерки за справување со понатамошно ширење на вирусот.

(С.Бл.)