Научниците открија колку дневно пешачење е потребно за да го продолжите животот за една година.
Познато е дека редовната физичка активност значително го намалува ризикот од сериозни болести како што се срцеви заболувања, мозочен удар, дијабетес тип 2 и рак.
Експертите препорачуваат возрасните да бидат физички активни секој ден, комбинирајќи ги вежбите за градење мускули со аеробни вежби.
10 минути пешачење дневно го продолжуваат животот
Сепак, новото истражување покажува дека дури и пешачењето само десет минути дневно може да го продолжи животот за една година, особено кај луѓето над 60 години, пишува Дејли Мејл.
Пешачењето 30 минути е уште поефикасно
Истражувањето спроведено во Велика Британија исто така покажа дека мажите имаат поголема корист од вежбањето отколку жените. Имено, редовното пешачење може да го продолжи животниот век на жените за речиси 11 месеци, додека на мажите може да им додаде дури 16 месеци.
Зголемувањето на времетраењето и интензитетот на одење може дополнително да ги зголеми овие бројки, така што пешачењето 30 минути дневно може да додаде дополнителни 16 месеци живот за жените и речиси две и пол години за мажите.
Фото: pexels.com
Оваа студија, која опфати податоци од повеќе од 40.000 жени и над 30.000 мажи, на возраст од 60 и повеќе години, покажа дека придобивките од пешачењето не се резервирани само за оние кои се веќе фит.
Истражувањата покажаа дека дури и оние кои претходно биле неактивни можат да ги доживеат овие позитивни ефекти.
Том Јејтс, физиолог на Универзитетот во Лестер и главен автор на студијата, рече дека не се сигурни зошто има разлика во придобивките меѓу половите. Тој додаде дека ова истражување дава многу попрецизен увид во придобивките од секојдневното пешачење.
Доктор Франческо Закарди, еден од водечките автори на студијата, нагласи дека овие наоди дополнително ја потврдуваат важноста на секојдневната физичка активност за здравјето и долговечноста.