9. Фестивал на европска литература „Букстар“: Книжевноста треба да вознемирува!

61
Наџат ел Хачми

„Делата од европската литература на еден благороден начин го збогатуваат културниот простор афирмирајќи ја книжевноста на европските јазици. Тие имаат универзална моќ да нè поврзуваат и да нè воведуваат во различни светови, да нè вознемируваат, да нè предизвикуваат и да нè поттикнуваат на размислување, наведувајќи нè да поставиме прашања за животот, љубовта, искуството, социјалните предизвици и за многу други аспекти на човековото постоење“.

Со овие зборови министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска синоќа во МКЦ се обрати на отворањето на 9. издание на Фестивалот на европска литература „Букстар“ (BookStar).

Додаде дека Фестивалот, годинава се одржува под мотото „Ве молиме, вознемирувајте!“ и тоа не е случајно затоа што литературата, како израз на човечката фантазија и креативност, честопати не само што ја вознемирува туку и ја трансформира нашата реалност. А токму таа порака сака да ја испрати годинашниот „Букстар“ – добрата литература, книжевноста треба да вознемирува!

Костадиновска-Стојчевска истакна и дека Фестивалот претставува придонес во заемното запознавање на авторите и делата од домашната и од европската литература, градејќи нова димензија на пријателството независно од културните и јазичните бариери.

Фестивалот го отвори македонската авторка Лидија Димковска, која посочи дека во уметноста, во книжевноста мора да се биде радикален, да се оди до крај, и дека писателот мора да се надмине себеси, да ги истисне сите немоќи и моќи од сопственото битие, да се нурне во заумните пространства на реалноста и во реалните пространства на заумот. Писателката потенцираше дека литературата треба да го предизвикува и да го прави сето она што животот не смее да го прави.

„Да удира во карпата на системот, поткопувајќи го да ја проветрува традицијата, која во своите убави старински рамки содржи слоеви патријархална боја во однос на многу нешта и на многу човечки битија, да го преиспитува концептот на сето она што ограничува, затвора, не восприема, игнорира или омаловажува, не со реферати за колективни истории туку со приказни за човечки стории. Во ангажираноста на литературата верувам тогаш кога таа на суптилен и литераризиран начин ја пренесува личната сторија на мало парче од колективната историја“, додаде Димковска.

Евроамбасадорот Дејвид Гир ѝ ја врачи наградата „Букстар 2023“ на шпанско-мароканската писателка Наџат ел Хачми за романот „Во понеделник ќе нè сакаат“.

„Дури и во општества што би требало да бидат отворени, како што е Шпанија, каде што денес живеам, и каде што има силно феминистичко движење, жените се соочуваат со дискриминација, дури и силувања и убиства. Тие не го контролираат сопственото тело, тоа му припаѓа на сопругот, на семејството, на околината. За сексуалноста не се зборува отворено, таа сè уште им потклекнува на нормите што ги поставува патријархатот“, рече добитничката на наградата Наџат ел Хачми, која со години се бори за правата на жените. Таа истакна дека не постои свет во кој жените не треба да бидат загрижени затоа што се жени и дека таков свет посакува и се обидува да создаде низ своите книги.

На 9. издание на „Букстар“ гостуваат десет европски автори, четириесетина македонски учесници од различни генерации, претставници на реномирани издавачки куќи и фестивали од пет држави од регионот.