„Кочо Рацин денес и за денешната книжевна продукција е значаен затоа што токму тој, како родоначaлник на современата македонска книжевност, го прави оној неопходен трансфер од колективниот, народен поетски израз во индивидуален, уметнички. Токму тој трансфер го одредува и идниот развој на македонската поезија, па затоа ми се чини дека не е преусилено да ја изнесам следнава констатација: ако сите руски писатели излегуваат од шинелот на Гогољ, македонската поезија произлегува од белата ленена кошула на Ленка“, вели за весникот „Вечер“ професорката Лорета Георгиевска-Јаковлева

Денес (25 ноември) оваа година се навршуваат 80 години од објавувањето на најпознатата збирка поезија во македонската книжевност. Станува збор за „Бели мугри“ на македонскиот поет и еден од основоположниците на современата македонска литература Кочо Рацин, објавена во 1939 година во Самобор близу Загреб. Таа е трета стихозбирка објавена на македонски јазик по стихозбирките на Венко Марковски „Народни бигори“ и „Огинот“, во 1938 година.

„Бели мугри“ претставува едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература, составена од 12 песни напишани на велешки дијалект во кои доминираат социјалните и револуционерните теми. Насловот е симболичен – означува ново утро, нов почеток кој бил посакуван од работниците, аргатите, експлоатираните луѓе, а создадена е под влијание на народната поезија, како и на „Зборникот“ на браќата Миладиновци. Нема кој не ги слушнал стиховите на „Денови“, „Ленка“, „Тутуноберачите“, „Копачите“, „На Струга дуќан да имам“…

Познавачите на делото на Рацин посочуваат дека заслужен за издавањето на „Бели Мугри“ е познатиот хрватски и југословенски писател Мирослав Крлежа кој го поддржал излегувањето од печат на стихозбирката која не можела да се издаде во Македонија бидејќи во тоа време таа била во рамки на Кралството Југославија. Поради опасноста да се дознае идентитетот на авторот Коста Солев, тој ја објавува под псевдонимот „К. Рацин“, кој го зел заради неговата сакана Рахилка Фирфова – Раца.

„Рацин во својот живот ја издава единствено стихозбирката ‘Бели мугри’ на македонски јазик и кирилично писмо. Тиражот (4000 примероци) е илегално пренесен и растурен во Македонија пред да стаса забраната за дистрибуција. Другото е повест на постојани навраќања на овој значаен настан во кој се раѓа македонската современа поезија. На познавачите на пишаниот збор им е познат убоито експресивниот Рацинов стих напишан на српско-хрватски. Но стиховите на ‘Бели мугри’ им се познати на сите. Дури и кога првпат се слушаат овие стихови тие се восприемаат како ехо на бројни изречувања при кои се наткрева дамарот на нашето битие во пресрет на блиското лице на светот. Макар се опевала и маката, ние со олеснување и радост му се препуштаме на заедништвото и споделувањето. Или како што ќе рече самиот Рацин: ‘Има нешто во Македонија, за кое може да се говори и тоа да се говори со наслада и радост. Тоа е македонската народна песна (…)’. Врз основа на таа песна Рацин го создава модерниот поетски израз“, посочи за весникот „Вечер“ професорката Наташа Аврамовска од Институтот за македонска литература – Скопје (ИМЛ).

Во чест на 80 годишнината, а трагајќи по оригиналните испечатени примероци на „Бели Мугри“, екипа на весникот „Вечер“ ја посети Македонската академија на науките и уметностите каде дојде до поинтересни сознанија. Во Архивот на МАНУ „Харалампие Поленаковиќ“, кој годинава го доби името на македонскиот книжевен историчар, „Вечер“ доби ексклузивна можност да ги види и фотографира оригиналите во ракопис на дел од најпознатите песни на Кочо Рацин, како и неговите лични тефтери со белешки и чкртки, мисли за Македонија и Богомилите, објавените и необјавени стихови на македонски и српски јазик, љубовните писма и поезија…

Песните кои ги видовме, а кои претставуваат дел од фондот „Кочо Рацин“, се испишани своерачно со мастило од страна на големиот македонски поет или од неговата печатарска машина. Листајќи по папките со песни, документите ставени во табаци каде е и „Антологија на болката“, меѓу многуте стихови во ракопис ги забележуваме и познатите „Копачите“, „Селска мака“, „Денови“, „Печал“, како и „Ленка“, односно „Менка“.

Малку е познато во јавноста дека во оригиналниот своерачен ракопис на поетот, познатата Рационова Ленка, е всушност Менка. Не се знае зошто Менка пред да излезе во печат го сменила името… Дали тоа е за да ѝ се даде интернационална нишка на песната или е заради подобра звучност, останува да се прашуваме… На маргините на еден од документите, се забележува и неговиот потпис – Коста Солевиќ.

Држејќи ги во рацете оригиналните песни на Рацин, а кои се заштитени со специјална двослојна јапонска хартија со цел да можат да се допираат, човек како да се враќа во далечната 1939 – на извориштето на современата македонска поезија, и секако не може, а да не ја почувствува величината на националното богатство кое духовно го поседува во тој момент.

„Рацин е грамада во македонската литература, столб-меѓник на кои се држи нашата култура, како што тоа се Григор Прличев, Јордан Џинот, Крсте Мисирков, Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов…“, ни изјави професорот на ИМЛ и секретар на Друштвото на писателите на Македонија Мишел Павловски посочувајќи дека тоа е поради неговата јасна свест за македонската посебност, како и поради страста и ентузијазмот со кои ја застапува, брани и објаснува сопствената идентитетска припадност. „Сакам да потсетам на ставовите и на начинот на кој Рацин говореше, ги застапуваше и се бореше да докаже дека Македонците се посебен ентитет, со сопствено минато и историја, со континуитет во мислата и борбата за национална слобода“, додаде Павловски.

Книжевен деец, интелектуалец, комунистички активист, револуционер, родум од Велес, Рацин (1908-1943) е истражуван од бројни проучувачи на неговото дело и од повеќе различни аспекти. Останува да се плетат митовите за неговото трагично загинување на планината Лопушник, кога е застрелан од стражарот кој го чувал пристапот кон партизанската печатница: дали тоа било несреќен случај заради неговата наглувост или, пак, е наместен за да биде убиен…

Запрашана за значењето кое Рацин го има денес, професораката Лорета Георгиевска-Јаковлева од ИМЛ вели: „Коста Солев Рацин е автор кој праќа универзална поетска порака, значи порака која комуницира и со современоста. Неговите две доминантни тематски јадра – социјалната правда и љубовниот копнеж, биле, се и ќе бидат предмет на размисла, контемплација, експресија како на книжевноста така и на хуманистиката воопшто. Зашто човештвото како колектив, сѐ уште го нема искуството на она што би се подразбрало под еднаквост и правда, а ниту има изгледи во скора иднина нешто да се смени, ниту пак единката како индивидуа знаела, знае или ќе знае како да се справи со невозвратената љубов. И уште повеќе, се чини дека состојбата во светот денес ги актуализира пораките на Рацин. Зошто, во првата половина на минатиот век со оптимизам се очекуваше силно светнатиот нов ден, денес, во првата половина на 21 век, преовладува песимистичкото чувство од сѐ поголемиот дисбаланс меѓу сјајот во кој живеат малкумина и бедата на мнозинството.“

Како што ќе посочи таа, Рацин денес и за денешната книжевна продукција е значаен затоа што токму тој, како родоначaлник на современата македонска книжевност, го прави оној неопходен трансфер од колективниот, народен поетски израз во индивидуален, уметнички. „Токму тој трансфер го одредува и идниот развој на македонската поезија, па затоа ми се чини дека не е преусилено да ја изнесам следнава констатација: ако сите руски писатели излегуваат од шинелот на Гогољ, македонската поезија произлегува од белата ленена кошула на Ленка“, додава Георгиевска-Јаковлева.

Наташа Илиевска-Таневски

Фото: Петр Стојановски