8 СЕПТЕМВРИ – 28 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТ – Македонија како Северна на прагот на НАТО и поглед кон ЕУ

Од денешен аспект, мислам дека ги исполнивме очекувањата за независна држава, но не сите работи зависат од нас и од нашите постапки. Оптимист сум дека до крајот на оваа година сите процедури ќе завршат, ќе станеме членка на НАТО, ќе ги отвориме преговорите со ЕУ со што ќе ги оствариме стратешките цели кои биле поставени во 1991 година, вели претседателот на Собранието Талат Џафери во изјава за весникот „Вечер“.

309

Самостојна и независна, богата држава со среќни граѓани – беа идеалите на ентузијастите од првиот пратенички состав кои го распишаа референдумот во 1991 година на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна независна држава.

На 8 септември 1991 година убедливо мнозинство – 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот, позитивно одговорија на референдумското прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.

Троцифрената инфлација на почетокот на 90-тите години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза, конфликтот во 2001 година, мигрантската криза од 2016, спорот со Грција и промената на името, како и борбата со криминалот и корупцијата беа вистински предизвици и закани за младата држава кои го забавија нејзиниот пат кон остварувањето на стратегиските цели – зацврстување на демократијата, економски развој и интеграција во евроатлантските структури.

„Граѓани и граѓанки на Македонија, дозволете вечерва на вас и на сите граѓани и граѓанки на Македонија, да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија“, изјави тогаш првиот претседател на независна Македонија Киро Глигоров, соопштувајќи ги резултатите од референдумот.

Во изминатите 28 години самостојно живеење македонската држава помина низ низа тешкотии, се соочи со предизвици, но се славеа и убави денови. Троцифрената инфлација на почетокот на 90-тите години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза, конфликтот во 2001 година, мигрантската криза од 2016, спорот со Грција и промената на името, како и борбата со криминалот и корупцијата беа вистински предизвици и закани за младата држава кои го забавија нејзиниот пат кон остварувањето на стратегиските цели – зацврстување на демократијата, економски развој и интеграција во евроатлантските структури.

Последнава година од независна Македонија е само кулминација на проблемите кои се таложеа години наназад, вели во изјава за весникот „Вечер“ Ѓулистана Марковска, пратеничка во првиот парламентарен состав.

-Мислам дека во овие 28 години независност, најголемиот товар беше токму на тој пратенички состав, кој се избори за независна Македонија. Единствено се водевме од помислата дека ќе обезбедиме богата држава и среќни граѓани. За жал, во овој момент немаме среќни граѓани, а уште помалку богата држава. Имаме држава со постаро население, кои си обезбедиле подобар живот пред независноста. Години наназад во државата се трупаа многу проблеми, последнава мислам дека беше само кулминација на тоа што се случува веќе подолг период. Населението имаше многу надежи, но, за жал, не се испорачаа резултати.

Владеењето на правото, судството и правната држава и понатаму се најголемите проблеми, а тоа се основите на една држава. Најголемото разочарување за граѓаните е судството. Специјалното јавно обвинителство, кое беше формирано да ги решава проблемите со криминалот и корупцијата, а самото тоа стана извор на нови проблеми.

Граѓаните повеќе не можат да веруваат на никого, последниве изборни циклуси гласаат за да ја казнат едната опција, а не за да поддржат опција оти веруваат во некого, вели Марковска, навраќајќи се на идеалите кои ги имале пратениците во 91 година.

Првиот парламентарец Талат Џафери, од денешен аспект, цени дека суштината на идејата за независна држава е реализирана.

– Секако дека низ годините имаше одредени потешкотии и предизвици во реализацијата на одредени процеси, но сметам дека после толку време сепак успеавме институционално да ги препознаеме приоритетите, за да направиме напор да се приближиме до стратешките идеали.

Без оглед на сите предизвици низ кои поминавме во изминатиот период, сметам дека сме на самиот праг на НАТО и блиску до одредувањето на датум за почеток на преговори со Европската Унија. Од денешен аспект, мислам дека ги исполнивме очекувањата за независна држава, но не сите работи зависат од нас и од нашите постапки. Оптимист сум дека до крајот на оваа година сите процедури ќе  завршат, ќе станеме членка на НАТО, ќе ги отвориме преговорите со ЕУ, со што ќе ги оствариме стратешките цели кои биле поставени во 1991 година, вели претседателот на Собранието Талат Џафери во изјава за весникот „Вечер“.

На гласањето, според официјалните податоци, од 1.495.626 гласачи излегле 1.132.981 граѓанин со право на глас или 71,85 отсто, а од вкупниот број граѓани кои гласале на Референдумот позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани односно 95,09 отсто (односно 72,16% од вкупниот број на граѓани со право на глас). Резултатите сами по себе говорат за успешноста на Референдумот. Во официјалниот извештај на Комисијата за спроведување на Референдумот се вели дека за начинот на кој беше спроведен не беа поднесени приговори или жалби поради неправилности или повреди на одредбите на Законот за републички Референдум. Комисијата ја констатирала масовноста на граѓаните со право на глас во Македонија кои се изјасниле “за” самостојна и суверена Македонија.

Сенка врз настаните со кои се поставија темелите на самостојна Македонија фрли бојкотот на референдумот од страна на дел од албанската етничка заедница и неподдржувањето на новиот Устав од пратениците Албанци. Десет години подоцна Уставот беше надополнет по конфликтот во 2001 и потпишувањето на Рамковниот договор.

На референдумот му претходела Декларација за независност која првиот повеќепартиски Македонски парламент ја усвоил на 25 јануари 1991 година.

Европскиот сон на Кљусев, Глигоров и Андов сè уште го сонуваме

Македонците самите резултати ги прифатиле со голем оптимизам и еуфорија. Никола Кљусев, претседател на тогашната  влада, по референдумот изјави дека со осамостојувањето, на Македонија како суверена држава ќе ѝ се даде шанса да воспостави партнерство со сите оние кои ќе имаат интерес со нас да бидат, а Европа е тој дом кој ќе нè интегрира и ќе нè спои.

-Пред сè со референдумот се бара да се афирмативно пристапи кон онаа вековна борба на македонскиот народ, која некогаш се решавала со пушки и крв. Денес слободни со својата културна еманципација, национална свест се определивме пред сè за самостојна и суверена држава, а потоа да пристапиме со својот правен легитимитет, ослободени од секаква поданиска философија и инфериорност и во преговори со партиите, а тоа се шестте републики во Југославија и никако другачие, и тоа ни даде за право да кажеме дека нашиот суверенитет и нашата самостојност ја сфаќаме само како поттикнувачки мотив, инспирација и правен легитимитет да стапиме во еден сојуз со суверени држави. Оттука нашата замисла и ние сакаме врз овие принципи и ова видување да изградиме една нова заедница на југословенските суверени држави. Но, во колку не дојде до тоа, тогаш самата историска обврска и судбина ќе нè тера да ние пристапиме кон спокојно изодување на своја суверена држава, односно сите нејзини сегменти во правниот, политичкиот, економскиот систем и тоа ќе ни даде шанса да воспоставиме партнерство со сите оние кои ќе имаат интерес со нас да бидат, а Европа е тој дом кој ќе нè интегрира и ќе нè спои, изјави Кљусев непосредно по прогласувањето на независноста.

Со осамостојувањето, Македонија отвара интензивен процес со соседите и со Европа, изјавил тогаш Стојан Андов, претседател на македонското собрание во 1991 година.

-Со оваа одлука што денес ја донесуваат граѓаните на Македонија се отвора еден интензивен процес на градење на македонската држава, на градење на нејзините односи во Југославија со другите суверени држави, а исто така и со соседите и со Европа. Тоа е макотрпен и сложен процес, но благороден процес, меѓутоа знаат за што се одлучуваат што работат. Ќе има, веројатно некои тешкотии што треба да се поднесат, а младите генерации еве од оваа генерација што го организира изборно овој референдум добиваат во аманет да бидат на тоа ниво, па и да ги натфрлат нашите достигања…

Петар Гошев: Од ноќните кошмари во изминатите 28 години, ни побегна четвртина од населението!

Историјата ни даде прилика да организираме целосно суверена и самостојна држава – толку колку што е возможно во светот на заемна меѓународна и меѓудржавна поврзаност.

Затоа на почетокот во 1990 година, со самоувереност, во една прилика реков дека „Македонија повеќе никогаш нема да биде ничија „бановина, покраина, протекторат и понтификат“.

Истовремено, сакавме да се трансформираме во пристојна демократска држава. Тоа, пак, сметавме, не е возможно без политичка демонополизација (без партиски плурализам), без владеење на правото, односно правната држава (што ќе рече – без непартиски државни институции), како и без функционална пазарна економија.

Што се случи?

Разни улични мангупи, креатури без соодветно образование, без обученост, без искуство и без елементарен интегритет ги преплавија државните институции. А такви „кадри“ можат само да крадат, безусловно да слушаат наредби, да „гинат“ за својот „вожд“, а не да му служат на народот. Со таква кадровска селекција нема институции на народот. Со такви кадри племето не се трансформира во општество. Со такви човеколики суштества не постои ниту еден функционален општествен модел, како и да се нарекува. Од тие ноќни кошмари во изминатите 28 години од земјата побегна речиси една четвртина од населението

По изминати дваесет и осум години, ние и натаму сме истата европска периферија. Политичкиот плурализам не произведе непартиска држава. Напротив! Партиската држава зајакна до апсурдност, независно од менувањето на партиите на власт, зашто со победата на изборите тие сметаат дека државата е нивен плен. Владеењето на правото стана уште подалечна желба. Политичката конкуренција не произведе поквалитетна администрација. Спротивно, негативната кадровска селекција се разви до карикатурални размери. Разни улични мангупи, креатури без соодветно образование, без обученост, без искуство и без елементарен интегритет ги преплавија државните институции. А такви „кадри“ можат само да крадат, безусловно да слушаат наредби, да „гинат“ за својот „вожд“, а не да му служат на народот. Со таква кадровска селекција нема институции на народот. Со такви кадри племето не се трансформира во општество. Со такви човеколики суштества не постои ниту еден функционален општествен модел, како и да се нарекува. Од тие ноќни кошмари во изминатите 28 години од земјата побегна речиси една четвртина од населението, пустошејќи го таканаречениот „човеќи капитал“, без кој нема раст и развој, нема притисок за позитивни промени. „Елитите“ на власт и воопшто во политиката (збрани од разни буништа – чест на залутаните исклучоци) секоја вечер го бомбардираат остатокот од народот со најидиотски лаги, со докажување кој е поголем крадец, давајќи му докази на тој „остаток“ дека „не не бива“, дека ние не можеме да бидеме суверена држава, дека е во прашање само видот и степенот на „протекторатот“ или нешто уште полошо.

До кога така? Додека не биде заменета нашата примитивна „сива маса“, со нешто подобро. Но, и тоа не паѓа самото од небо.  Да почекаме НАТО и ЕУ да нѐ трансформираат? Ајде, важи! Ќе чекаме! Само да видиме дали дотогаш нешто ќе остане од наездата на „Аварите“, Хуните“, „Визиготите“, „Илирите“, „фалангите на Александар“, „Крстоносците“, „Библијските“ и „Небските предци“….И јас сум многу нестрплив да го видам тоа!

Јованка ЦАРУЛЕСКА ГРУЕВСКА