8 Декември, празник на првоучителот на македонските училишта, Св. Климент Охридски

„Над 3.500 ученици излегоа од овие училишта на Св. Климент, кои во скоро време дадова на Македонија нов облик, створиа од Македонците првите културни работници на славјанството. Учениците на овија ученици покасно создадоа револуционите кадри на богомилските политички обштини во Македонија, кои извојуваа ослобождението на македонскиот народ прво од духовниот гнет на Цариградската патријаршија и зловредно византиско влијание  и второ – ослобождение од политичко ропство на ханска Болгарија“. Вака, Поверенството на Народна просвета го почнува својот реферат за одбележување на 8 Декември како ден на Св. Климент Охридски. Дека празникот посветен на Свети Климент има традиција да се празнува на институционално ниво уште по ослободувањето во 1944 година, покажува и писмото на Президиумот на АСНОМ испратено истата година на 30 Ноември до сите македонски училишта со упатство за празнување

849

Во историјата има многу големи, многу светли и скапи за нас имиња, посветли од сонцето, поскапи од животот. Меѓу тие големи, светли и скапи, за нас Македонците имиња е и првоучителот на македонските училишта – Св. Климент Охридски.

Вака, во 1944 година, Поверенството на Народна просвета го почнува својот реферат за одбележување на 8 Декември како ден на Св. Климент Охридски. Навраќајќи се на името и делото на еден од најголемите ученици на браќата Кирил и Методиј, се потсетува дека Климент заедно со своите браќа по вера Горазд, Наум, Сава и Ангелариј преведоа на македонско-словенски јазик црковни книги и го довршија покрстувањето на непокрстеното население во Македонија и го приближија македонскиот народ кон тогашната византиска култура.

– Но, Св. Климент не запре овде. Тој не се задоволи со превеждањето на црковните книги и со довршване покрстуването, а отиде многу подалеку. Тој отвори на многу места во Југозападна Македонија голем број училишта, во кој се учеа сосем безплатно најдаровитите деца на Македонија. Покрај овие училишта светеше големото училиште на Св. Климент во Охридовата виша школа, првиот универзитет во Македонија, каков што немаше во никоја славјанска и западноевропејска држава. Овај универзитет подоцна стана огниште на свеславјанска култура, светилник драг сред тогашната слепота и мрак. Над 3.500 ученици излегоа од овие училишта на Св. Климент, кои во скоро време дадова на Македонија нов облик, створиа од Македонците првите културни работници на славјанството. Учениците на овија ученици покасно создадоа револуционите кадри на богомилските политички обштини во Македонија, кои извојуваа ослобождението на македонскиот народ прво од духовниот гнет на Цариградската патријаршија и зловредно византиско влијание и второ – ослобождение од политичко ропство на ханска Болгарија.

 

Цели 40 години Самоил Велики застанал на чело на борбата на македонскиот народ, раководена од богомилските политички обштини и сам тој најпроверен богомил се бори со Византија срешту еден мудат император, срешту еден генијалец полководец каков редок е записала во својте страници Византијската Империја, Цели 40 години во Македонија се лееше крв за народна слобода и леб.

Борбата беше тежка, зато што силен беше непријателот, а силен беше тој, зато што целата реакција во Западна Европа, на чело со римскиот папа, беше со него.

Македонија на Самоила најсетне беше провалена, но македонскиот дух не можеше да биде уништен, духот на великиот поп Богомила што беше симбол на сестрана и полна политичка и економска еманципација. Изкри од овај бесмртен прескочиа границата на Македонија и замоли Италија на Цезарите и така се создаде велико возраждение на италианскиот народ, ренесансот на Европа.

О, век! И науки! – се провика ослободениот човечки дух од синџирите на клерикализмот, пишува во рефератот на Президиумот на АСНОМ. Посочувајќи дека Климент Охридски е личност што реално стекна признание за себе и за својата дејност не само во словенскиот свет туку и пошироко.

Дека празникот посветен на Свети Климент има традиција да се празнува на институционално ниво уште по ослободувањето во 1944 година, покажува и писмото на Президиумот на АСНОМ, испратено истата година на 30 Ноември до сите македонски училишта со упатство за празнување.

-По случај Денот на Св. Климент Охридски, покровител на нашата сенародна просвета, по целата ни страна ќе се уредуваат торжества. Во тија таржества учителските савети на сите видове училишта во Македонија се задолжуваат да изработат специјална програма за целта, се вели во упатството според кое прославата почнува ден пред празникот со беседи за животот, делото и значењето на Св. Климент Охридски, a да заврши со хуманитарен концерт и средствата да се наменат во фондот „Бедни ученици“ .

 -Поверенството ни држи многу до овој празник, како прв училиштен празник во нашата мала држава да се проведи колку се можи по торжествено. Со вакви чевствуванија ние треба да покажиме на македонскиот народ да новата власт многу повеќе од старите фашистички власти ги цени имињата и заслугите на големите луѓе на Македонија, да покажи, да вакви торжества не се и не можат да бидат патент на фашизмот и на нивните патриотарски измеќари, кој до вчера тргуваа со вакви праздненства и ја развратоваа нашата младеж, се вели во упатството на Президиумот на АСНОМ потпишано од тогашниот секретар Страхил Гигов и повереникот за просвета Епаминонда Поп Андонов.

Конески: Само со македонската традиција е ликот на Климент Охридски сврзан толку интимно!

За величината на македонскиот светија и еден од учениците на Св. Кирил и Методиј, кој учествувал во Моравската мисија, пишува и кодификаторот на современиот македонски литературен јазик, великиот Блаже Конески.

-Не е чудно што неговото име не го забораваат денеска историчарите на литературата на повеќето словенски народи, ако не и на сите, кога говорат за почетоците на книжевноста и просветата на својот национален терен. Нормално е што неговото дело се вклучува во повеќе национални традиции. Но токму овде треба да си го спомниме она што се договоривме да го запаметиме во почетокот. Тихите кандила пред  иконите на Св. Климент гореле низ вековите само во нашиот регион. изразувајќи и молитва и надеж и човечка солидарност. Само со македонската традиција е ликот на Климент Охридски сврзан толку интимно. Не случајно овде, нему во минатиот век му давале дури и централно место на иконите во композицијата на седмочислениците. Само нам ни е тој толку близок. Ние се идентификуваме меѓу себе каде и да наоѓаме во широкиот свет, во неговиот лик, Климент Охридски спаѓа во редот на оние малубројни фигури, околу кои се случува самата кристализација на нашата национална свест. Па и меѓу тие малкумина тој сигурно зазема предно место. Тоа го чувствуваат Климентовите потомци, поставени уште еднаш, заедно со него, да бараат признание за својата самостојна културна акција и за својата национална независност, пишува Конески во еден осврт за Св. Климент Охридски, објавен во неговата книга „Ликови и теми“.

(Е.А.)