70. Берлинале: „Златна мечка“ за животно дело за Хелен Мирен

95

Познатата британска актерка Хелен Мирен ќе биде наградена со „Златна мечка“ за животно дело на 70. Meѓународен филмски фестивал во Берлин што ќе се одржи од 20 февруари до 1 март 2020.

Во чест на оскаровката, која е ѕвезда на „Кралицата“ како и на новата ХБО серија „Катерина Велика“, ќе бидат прикажани неколку нејзини најпознати филмови, меѓу кои и „The Cook, the Thief, His Wife & Her Lover,” „The Good Liar” and „The Last Station”.

„Хелен Мирен е силна личност чии моќни портрети се секогаш импресивни“, изјави Мариета Рисенбек, извршната директорка на Берлинале. „Таа нè изненадува одново и одново со толкувањето на сложените ликови. Без разлика дали тоа е Крис во ‘Calendar Girls’ или кралицата Елизабета Втора во ‘Кралицата’, нејзините портрети се парадигма на силни жени и затоа задоволство ни е да ѝ ја доделиме почесната ‘Златна мечка’ за нејзиното животно достигнување“, додава таа.

Мирен зад себе има богата филмографија и голем број награди. Во 2007 година добива „Оскар“, „Златен глобус“ и БАФТА за улогата во филмот „Кралицата” (The Queen) во кој ја глуми британската кралица Елизабета втора по смртта на принцезата Дајана.