70 илјади евра за прославата, по Антонија Гиговска и Владо Јаневски го откажа настапот

1530

Со стихотворба од реномиран поет, музички аранжман и специјална песна за годишнината се одбележуваат 21 година од потпишувањето на Рамковниот договор. Во рамки на прославата се одржува и школа за млади лидери „Peace Forum Dialogue”. На плоштадот Скендербег за сабота е најавен голем концерт. Годинава за прославата се потрошени 70.000 евра,  а ја организира Министерството за политички систем, на чие чело е Артан Груби.

Според податоците објавени на Бирото за јавни набавки ќе се издвојат 5600 евра за стихотворба од реномиран поет, музички аранжман и аудио запис на песна за годишнината од Охридскиот договор. Истата сума беше одвоена и лани за оваа ставка. И за оваа годишнина ќе има промотивен материјал, пенкала и пера, папки, тетратки, беџеви, мемориски стикови, семинарски ташни.

„Првото издание на фестивалот кој се стреми да стане традиционален, беше најавен за сабота 13 август на плоштадот „Скендербег” во Скопје.

Заедно одбележуваме 21 годишнина од Охридскиот рамковен договор како и започнување на преговори за полноправно членство во Европската унија“, пишува во објавата на Министерството за политички систем на Фејсбук.

Од таму додаваат дека овој музички фестивал би можел да прерасне во неколкудневен музички настан по примерот на Егзит во Нови Сад.

Првично на фестивалот беше најавено дека ќе учествува Антониа Гиговска, но таа го откажа настапот бидејќи, како што изјави за медиумите, не знаела дека настанот е од политичка конотација. На нејзино место беше најавен Владо Јаневски, но ден пред концертот и тој го откажа неговиот настап.

Од Министерството за политички систем велат дека и покрај тоа што се наоѓаме во економска криза, овој договор е темел на државата и треба да се слави и во иднина.

Лани за прославата на 20-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор беше распишан меѓународен тендер во вредност од 30 милиони денари – 500 илјади евра.