67 години моја Кисела Вода

70

Со седум капитални инфраструктурни, комунални проекти и седум музичко-забавни случувања, ќе биде одбележан 67-миот роденден на најстарата скопска општина, Кисела Вода.

– Започнувајќи од 27 јуни до 6 јули секој ден во 10 часот наутро ќе се промовира по еден капитален комунален проект. Тоа се седум инфраструктурни решенија на децениски проблеми на нашите жители, кои заедно со нив ги дефиниравме како приоритетни. Како ново раководство кое во прв план ги става потребите на граѓаните, одлучивме не со еден – туку со седум капитални проекти да го одбележиме почетокот на новата година од постоењето на Кисела Вода, бидејќи утрото го најавува денот, а ова ќе биде динамична и плодна година за нашата општина – вели градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Тој најавува дека во иднина ќе се интервенира и инвестира во сите сфери, храбро, одлучно и плански ќе се решаваат крупни проблеми.

– Да го креираме ликот на општината по мерка на граѓаните, бидејќи ова место веќе 67 години е наш дом во кој треба сите ние убаво и квалитетно да живееме, а потоа и да го оставиме на нашите поколенија – истакна Ѓорѓиевски.

Денеска воедно беше најавена и богатата забавна програма на претстојното ново издание на Културно лето 2022, на којашто е најавен настапот на голем број на домашни македонски ѕвезди.

Во вечерните часови, од 29 јуни (среда), па сѐ до 2 јули (сабота), со почеток од 20 часот и се до полноќ, присутната публика ќе може да ужива во музичките настапи и концерти на три различни локации и тоа: Парк Македонија (29.-30.06.2022), Три Круши во Драчево (01.07.2022) и Расадник (02.07.2022).

Неколкудневната програма на Културно лето 2022, ќе биде затворена на 2 јули, со спектакуларен вечерен музички концерт на големата балканска ѕвезда, – Жељко Самарџиќ.

Во рамките на Културно лето 2022, на првиот ден пред официјалната вечерна програма, со почеток во 18 часот во Парк Шопен, ќе се оддржи и Хуманитарна Коријада, кадешто традиционално, голем број пензионери ќе се вклучат во собирање средства за хуманитарни цели со подготовка на домашни национални пецива, а сето ќе биде пропратено со весела атмосфера и пеење на омилените народни песни.

На последниот ден во сабота на 2.07.2022 г. во Расадник, покрај настапот со почеток во 11 часот на славејчињата од „Златно Славејче“ и изненадувањата за присутните дечиња, за прв пат во организација на општина Кисела Вода, од 18 часот истиот ден премиерно ќе се одржи и „Битка на бендови“, каде што победникот ќе биде награден со концерт во организација на општината.