Драмски аматерски фестивал во Кочани: Во конкуренција за награда 16 претстави

176

До 1 јуни во Кочани ќе се одржува јубилејниот 60. Драмски аматерски фестивал – ДАФ, а публиката ќе има можност да проследи 16 селектирани театарски претстави од Македонија и странство кои ќе бидат во официјална конкуренција за награда. По вчерашниот прв фестивалски ден и претставите кои се надвор од конкуренција, „Човекот“, пантомима на актерот Трајче Ѓеоргиев и „Вардарски Пастуви“ во режија на Синиша Евтимов, програмата продолжува со претставувања на ансамбли од Македонија, но и Србија, САД, Грција, Бугарија…

Селекцијата од 40 претстави годинава ја направи актерката Јасмина Билаловиќ .

Во следните денови за награди ќе се борат: „Театар Чекори“ од Скопје со претставата „Ние“, АТ „Колектив ветерница“ од Скопје со „Робоград“, гимназијата „Св. Климент Охридски“ од Охрид со „Странци“, аматерскиот театар „Репетициона 04“ од Штип со „Недоразбирање“, театар „Дунек“ од Гостивар со „Бенг бенг и мртов си“…

Од Србија, пак, гостува Аматерско позориште „Хранислав Драгутиновиќ“ – Прокупље, а на затворањето гостува ДАХ театар од Белград со дипломирани студенти од белградската академија, под менторство на Мирјана Карановиќ (го играат ММЕ од Дејан Дуковски). Истиот ден на последниот ден од фестивалот гостува Македонскиот културен центар во Софија и монодрамата „Страстите на Илија“ со Игор Дамјанов.

Во рамките на фестивалот ќе има и придружна програма па така гостуваат и акробатски музичари од Грција и Америка, ќе има изложба на дел од сценографиите на Крсте Џидров – Џиби, како и промоции на книги и предавања…

За наградите кои ќе бидат доделени последната вечер ќе одлучува тричлена комисија на фестивалот, а ќе биде доделена награда за главна машка и женска улога, споредна машка и женска улога, награда за уметничка иновација и истражување во аматерскот драмски израз, награда за најдобра режија и за најдобра претстава.