45,3% од граѓаните ја сметаат Србија за најпријателска земја, за Бугарија тоа го мислат само 0,2%

151

Србија со 45,3 проценти е перципирана за најпријателска земја од граѓаните на Македонија, САД се број 1 во однос на придонесот за демократскиот развој на земјава, а ЕУ се први во однос на придонесот за економскиот развој, покажуваат првичните резултати од анкетата спроведена од ПРЕСПА Институтот во периодот април – мај, на примерок од 1.500 испитаници.

Според иницијалните заклучоци, Србија е перципирана како најголем пријател, најважен критериум се заеднички вредности и „интереси“, не демократијата или економијата. САД, ЕУ и Србија најмногу придонеле за демократскиот развој. За економскиот развој најмногу придонеле ЕУ, Србија и САД, културата, религијата и традицијата се најважни вредности за сите старосни групи, а односите со соседите не се ниту добри ниту лоши.

-Анкетата ни кажува дека Србија продолжува да се качува како најпрепознатлив и најперспективен пријател на нашата држава (споредбено со 14 отсто во 2020 и 38,6 отсто во 2022 година). Најважен критериум за нашите граѓани за тоа кој е пријател или не, се споделуваните интереси и вредности, но не до тој степен и демократскиот придонес или економијата и соработката што ја имаме со таа земја, вели Ивана Јордановска од тимот кој го спроведе истражувањето.

На прашањето генерално гледано, која држава или меѓународен сојуз/унија е најголем пријател на Северна Македонија, по Србија, според анкетата, следна земја најпрепознатлива како пријател е Косово со 9 проценти, САД 6,8, а четврта е Турција со 6,7 отсто. Албанија ја сметаат за пријателска земја 5,6 отсто од испитаниците, ЕУ 5,1 отсто, Германија 1,5, а за НАТО се определиле 1,1 отсто од анкетираните

Од регионот Грција и Црна Гора имаат 0,5 проценти, а за Бугарија се изјасниле 0,2 проценти од испитаниците, колку што се изјасниле и за Кина. Русија ја избрале 1,1 отсто испитаници. Додека 10,3 од анкетираните кажале дека ниту една змеја не ја перципираат како пријателска, а 3,2 отсто одговориле не знам.

За тоа на што се должи ваквиот тренд во однос на Србија, Андреја Стојковски, од Преспа Институтот вели дека тоа се должи мерките за ковид-кризата и пред сè, на прашањето околу решавањето на црковниот спор СПЦ-МПЦ. Од друга страна најголем пад имаат забележано ЕУ со 1,5 отсто (во 2020 г. имале поддршка од 16,7 од анкетираните, а во 2022г. 7,8 отсто) и Германија со 1,5 отсто (во 2020 г. 12,4, а во 2022  г. 5,9)