„Непредвидлива пролет“ е наслов на изложбата на авторот Ѓорѓе Јовановиќ која деновиве беше отворена во рамките на 35. Штипско културно лето.

Уметникот пред јавноста се претстави со мурал на фасадата од Домот на млади во Штип како и со скулптури.

Уметникот на отварањето посочи дека пандемијата на тест ги стави нашата етика и морал, но и дека иако се работи за уникатно, страшно и стресно време, но, со надеж дека ќе излеземе како подобри луѓе.  Тој муралот и скулптурите ги направил специјално за оваа прилика.

Ѓорѓе Јовановиќ (Скопје, 1980) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2003). Има реализирано повеќе проекти во чиј фокус се прашањата за интеграцијата и дезинтеграцијата на современиот човек. Во неговите дела тој ги преиспитува меѓучовечките односи во контекст на општата состојба на редефинирање на универзалните вредности, односот човек општество иконзумеризмот како клучен фактор на модерниот начин на живот, политиката како фактор на распаѓање на градовите, државите и семејствата.

Присутен е и елементот на авто-референцијалноста, како и преиспитувањето на себеси во потесен и поширок контекст на распадот на старите и создавањето на нови вредности. Работи инсталации, перформанси, објекти, видеа, колажи и слики со цел да постигне трансформација на уметничкиот израз и индивидуална експресија, следејќи ја флуидноста на современиот контекст. Реализирал повеќе самостојни изложби во државата и странство.