Цените експлодираа, кило брокула поскапо од кило јагнешко – 400 денари

534

Додека инспекторите се закануваат дека ќе ги држат на око трговците и ќе ги казнуваат ако неоправдано ги поскапуваат прехранбените производи, цените во маркетите, но и на зелените пазари експлодираа.

Вчера на Зелено пазарче во Скопје, кое се смета за најевтин пазар во градот, килограм брокула имаше фантастична цена од 400 денари. За споредба, килограм јагнешко во месарниците се продава по цена од 320 до 380 денари!

Во секој случај, на пазарот има избор, па брокула може да се купи и на акција, за 350 денари килограм. Вчера значително падна цената на модриот домат – од 400 на 200 денари килограм, па едно мало парче може да се купи за околу 40 денари.

Изненадувачки висока и досега невидена цена има и лукот. Главица стар лук чини 25 до 30 денари, а главица млад лук дури 60 денари. Врзоп од три лукчиња со перца се продава по цена од 20 до 30 денари. Младиот кромид уште држи ланска цена – снопче 10 денари, а има и четири за 20. Но, стариот кромид кој веќе цела година има повисока цена од вообичаената во последните години, дополнително поскапе, Црвениот се продава за 70 денари, а другиот за 40 до 50 денари килограм.

Во небо отиде и цената на целерот. Еден корен сега чини 100 денари. Поскапеа и краставиците. Во маркетите сè уште може да се најдат по акциска цена од 35-40 денари за килограм, додека редовната цена, дури и на Зелениот пазар им е до 90 денари.

Дел од зеленчикот во маркетите има иста цена како на пазар, а дел е поскап или поевтин. Така, црвениот домат во еден маркет има цена од 99 денари, а розовиот од 120 денари за килограм. На пазар доматот е поевтин – од 80 до 100 денари. Цените на пиперките се „солени“ и во маркет и на пазар. Килограм може да се купи за 160 до 180 денари. Поупорните на пазар може да ги набават и за 140 денари, но не многу свежи.

И дел од јужното овошје е поскапено. Откако по опомените на пазарните инспектори цената на килограм лимон пред извесно време од 190 се симна на 140 денари, па во следните неколку дена на 100, сега се продава за 120 денари. Цената на бананите се движи од 60 до 69 денари, а на портокалите и мандарините од 35 до 60 денари. Има и јагоди, кои во споредба со другото овошје и зеленчук изгледаат евтини – 100 денари килограм или канче од половина килограм за 50 денари.

Интересно е тоа што за производите кои се енормно поскапени нема истакнато цена туку треба да се праша продавачот.

Зелената салата ја има во изобилство, а цената ѝ е ниска. Една голема салата може да се купи и за 15 денари. Младиот компир во маркетите е околу 100 денари кило, а на пазар го има и за цена од 50 до 60 денари. Уште има стар компир, кој се продава по 20 денари кило на пазар и 25 до 30 денари во маркет. Килограм морков, кој до неодамна чинеше од  20 до 40 денари, сега е најмалку 50 денари, а снопче магдонос е 20 до 30 денари. Зелката е со цена од 20 до 25 денари за килограм.

Месарниците сè уште ги држат старите цени на месото, а почнува да се нуди и јагнешко и тоа по ланска цена. Затоа пак голем дел од прехранбените производи во маркетите се поскапени. Во некои килограм обично бело брашно достигнува цена и од над 40 денари. Табла јајца, кои се баран производ сега, пред Велигден, обично чини околу 250 денари.

Македонските граѓани се научени на високи цени за време на велигденските пости. Особено на доматите и пиперките. Но, ова што сега се случува со градинарските и другите производи е вистинско лудило. Продавачите по висока цена купуваат време – она што на купувачите им е на располагање со оглед на рестриктивните мерки за движење воведени во државата поради корона-кризата.

Државниот завод за статистика регистрираше зголемување на трошоците за живот уште минатиот месец. Во март во однос на февруари раст е забележан кај свежото и разладеното овошје за 7,2 отсто, цигарите за 4,1, маслото и маснотиите за 3,4, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,9, јајцата за 0,8, месото и млекото за 0,7, лебот и житата, сирењето и урдата, свежиот и разладениот зеленчук освен компирот и другите коренести плодови за 0,4, жестоките пијалаци и виното за 0,3 и прехранбените производи неспоменати на друго место за 0,2 отсто. (С.В.)