Земјоделците наместо на нива треба да седат на интернет и да продаваат

Со апликацијата „Понуда - Побарувачка“ на земјоделците им се овозможува во услови на вонредна состојба, кога голем дел од пазарите кванташки, зелени пазари, добиточни пазари не се во функција, да можат да тргуваат со своите производи. Меѓутоа проблем е што голем дел од земјоделците во државата не знаат да работат на комјутер или немаат пристап до интернет

919

Земјоделците од регионот почнаа да ги продаваат своите производи преку интернет во услови кога поради пандемијата со коранавирусот многу пазари се затворени, а извозот оди тешко. И Министерството за земјоделство направи една апликација под наслов „Понуда – Побарувачка“ преку која на земјоделците им се овозможува во овие услови на вонредна состојба, кога голем дел од пазарите кванташки, зелени пазари, добиточни пазари не се во функција, да можат да тргуваат со своите производи.

Меѓутоа, земјоделците не веруваат дека ова ќе функционира со оглед на фактот дека многу од нив не знаат да работат и немаат пристап до интернет.

-Не верувам дека ова ќе функционира. Не знам кој земјоделец ќе може да понуди преку интернет пченка, сончоглед и други вакви земјоделски култури. Од друга страна, пак, многу земјоделци немаат пристап до интернет и затоа дека ваквиот начин на продажба ќе оди тешко, вели за весникот ВЕЧЕР претседателот на Сојузот на земјоделци Вељо Тантаров.

Но, сепак ги поздравува напорите на министерот за земјоделство Трајан Димковски за изнаоѓање решение за пласман на земјоделските производи.

И индивидуалните земјоделци велат дека идејата е добра, но оти кај нас тешко ќе може да се реализира бидејќи не знаеме да работиме на компјутер, немаме пристап до интернет и постапката е малку сложена.

-Не можам јас да седнам на интернет и да барам купувачи, бидејќи ќе ми остане работата на нива. Што се продаде се продаде. Еве сега имам голема количества млад кромид и лук, рдокви кои не знам каде ќе ги продадам. До пред неколку дена одев на пазар, но и сега таму веќе нема купувачи. Додека јас чекам да ги продадам на интернет, родот ќе ми пропадне, вели Трајче земјоделец од Скопско.

Од Министерството за земјоделство велат дека целта на оваа алатка е да се овозможи брз и лесен пристап до податоците за расположливите количества и цени на земјоделски производи, како и континуиранo следење и обезбедување на транспарентен преглед на земјоделски производи од домашно потекло и движење на цените на земјоделските пазари.

Оттаму додаваат дека сите оние кои не се во можност да користат интернет, потребно е телефонски да комуницираат со подрачната единица на Министерството или Платежната агенција, а пазарниот репортер во нивно име ќе пополни образец и ќе ја објави понудата/побарувачката во системот.

Во Словенија сè повеќе производители на овошје и зеленчук ги продаваат производите директно на домаќинствата. На тој начин тие можат да остварат профит, а граѓаните ќе ги добијат потребните производи без да излегуваат од дома. Министерството за земјоделие на Словенија објави повик до сите земјоделци да продолжат напорно да работат овој период, а со тоа да обезбедат доволно храна за граѓаните кои поради коронавирусот, во најголем дел се затворени дома.

(А.С.)