23 проценти од Русите примиле барем една доза на вакцина, скок на бројот на нови инфекции

51

Најмалку една доза вакцина за коронавирус досега примиле 23% од населението во Русија, кое беше сериозно погодено од новиот бран на пандемијата. Од 33,6 милиони Руси кои примиле барем една доза, 22,6 милиони или 15 проценти од населението биле целосно имунизирани.

Русија објави 23.700 нови инфекции и 783 смртни случаи од коронавирус. Бројот на нови инфекции за еден ден во Русија е повеќе од двојно зголемен во споредба со почетокот на јуни, кога властите објавија околу 9000 нови инфекции. Властите прават напори да ја зголемат ниската стапка на вакцинација, по скокот на бројот на нови инфекции во претходните недели.

Во повеќе од 30 региони, властите воведоа задолжителна вакцинација за одредени категории на население, вклучувајќи ги и оние вработени во здравството, образованието, трговијата на мало, јавниот превоз, владините институции и услужниот сектор.

Рускиот претседател Владимир Путин е против воведување на задолжителна вакцинација и ги повикува официјалните лица да го зголемат процентот на вакцинирани убедувајќи ги луѓето дека имунизацијата е неопходна.