Им пукна филмот – градоначалниците ќе го спасуваат Скопје!

2995

Скопските градоначалници ќе достават предлог до Владата, до премиерот Христијан Мицкоски и до Министерството за животна средина да им се одземат ингеренциите на двете градски јавни претпријатија – „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“. Се бара да биде назначен владин повереник и со тоа да започне процесот на трансформација на овие две претпријатија и предавање на нивните надлежности на општините. Ова е заклучокот од денешниот координативен состанок на градоначалниците на скопските општини

Скопје има комплетно нефункционални јавни претпријатија, кои не ги исполнуваат своите обврски кон скопјани и покрај тоа што граѓаните секој месец плаќаат утврден надоместок за тоа. Поради тоа, Скопје се дави во ѓубре, неискосена трева и нередовен автобуски превоз.

Премиерот Христијан Мицкоски ги повика надлежните во „Комунална хигиена“ во Градот Скопје да ја работат работата за која се платени од граѓаните или ќе му ги одземе ингеренциите.

– Ова што се случува во Скопје личи на сè, само не на главен град на држава што е дел од НАТО и држава кандидат за членство во ЕУ – изјави Мицкоски.

Токму поради овие причини, градоначалниците на скопските општини денеска, од заедничкиот состанок, испратија барање до Владата и до Министерството за животна средина за започнување постапка за расформирање на јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ и нивна поделба по општините. Сè до завршување на постапката за распределба, Владата да постави владини повереници во овие две јавни претпријатија.

– Од сите градоначалници едногласно беше изнесено дека секаде преовладуваат проблемите со доцнењето на автобусите, нехигиената, односно нефункционирањето практично на сите јавни претпријатија. Во услови на летни температури од над 40 степени, ова повеќе не е само естетски проблем туку претставува и сериозна закана за здравјето и животот на нашите сограѓани. Преплавени сме од поплаки од нашите граѓани, од барања ние да направиме нешто кога веќе не се грижи Градот Скопје. Нема да зборувам за константните јавувања, дописи до ЈП „Комунална хигиена“ и до нивната шефица, градоначалничката Данела Арсовска – изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Тој потсети дека во повеќе наврати, општините се самооорганизирале за чистење, што, како што истакна, не е едноставно, бидејќи немаат ниту механизација ниту човечки ресурси.

– Најиронично во целата ситуација е тоа што моравме да водиме и војна со градоначалничката Данела Арсовска, која, замислете, минатото лето не ни дозволи да го фрлиме собраниот отпад во „Дрисла“ – нагласи Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека пред неколку седмици, тој, како градоначалник, и неколкумина други градоначалници од Скопје поднеле прекршочни пријави против ова претпријатие.

– Меѓутоа, очигледно и тоа не допира до нив, бидејќи градот сè уште тоне во ѓубре и смрдеа. Сите се согласуваме дека се потребни подрастични мерки – дециден е Ѓорѓиевски.

Тој објасни дека ваквото решение ќе биде трајно и ќе значи распределба на вработените и на механизацијата од претпријатијата по општините, кои сами ќе се грижат за хигиената и за зеленилото и оти на тој начин сервисирањето на услугите ќе биде поекспедитивно и поефикасно.

– Не смееме да дозволиме вакво неодговорно однесување ниту од раководството на Град Скопје. Градот Скопје не е полигон за детска игра, каде што некој ќе тера инает и ќе ги казнува скопјани од само нему познати причини. Повеќе не нè интересира дали се работи за некадарност, мрзливост, неспособност или што и да е причината што е доведена нашата метропола во алармантна состојба. Нашите граѓани плаќаат за услуга што не ја добиваат, и мора да престане тоа. Секој граѓанин има право на чист и здрав животен простор, а ние, како градоначалници, сме должни да го обезбедиме тоа – констатираше Ѓорѓиевски, потенцирајќи дека главниот град се соочува со состојба од која се срамиме, а се стреми да стане Европски град на културата во 2028 година.

Ѓорѓиевски укажа и на тоа дека две години општините немаат комуникација со Град Скопје и со Арсовска.

– Данела да го впери прстот во себе. Доблесно е да се признаат грешките. Да престане да ја бара вината во другите – смета Ѓорѓиевски.

И градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, потврди дека две години немале ниту една координација со скопската градоначалничка, ниту поединечно ниту, пак, службено биле повикани скопските градоначалници.

– Ваквото решение, во овој момент, е приоритет. Беше направен мегапарк во Чаир од Град Скопје, но со месеци е оставен така да пропаѓа. Не видовме таму ниту еден работник. Некој ќе мора да сноси одговорност за ова што се прави. Во Старата скопска чаршија, каде што постојано доаѓаат туристи, на уличка со бекатон имаше дефект. Дојдоа багери, ја ископаа и вратија искршени мали парчиња од бекатонот, а треба да биде улицата како во првобитната состојба. Постојано реагираме и бараме да се санираат проблемите, досега не е интервенирано – се пожали Ганиу.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, со најголемо искуство меѓу скопските градоначалници, смета дека ќе помогне ваквото решение, бидејќи и досега поголем дел од општините имаат дополнително сопствени работници, кои се ангажирани за одржување на хигиената. Тој напомена дека целосно нема да може да се реши проблемот доколку не се донесе закон за комунална инспекција.

Што се однесува, пак, до закон за комунална полиција, Ѓорѓиевски информираше дека е формирана работна група од ЗЕЛС, која работи на него.

– Во наредниот период, и јавноста ќе го види законот. Тоа е сериозна потреба. Во регионот, ние сме единствената земја што нема ваков закон – заклучи Ѓорѓиевски.

Мицкоски истакна дека Град Скопје не успеал да ја врати навремено ратата што била дел од обврските за набавка на автобусите во минатото, кога Петре Шилегов беше градоначалник на Скопје.

– Таа е во висина нешто од над 50 милиони денари основен долг. Основниот долг е некаде околу 42-43 милиони денари, другото е камата – информираше Мицкоски и посочи дека министерката за финансии го известила дека нема одговор од надлежните од Град Скопје за тоа дали може да ја сервисира обврската, па морала да ја преземе обврската и да го плати долгот.

Тој изрази надеж дека со домаќинско работење во периодот што следува, ако, како што потенцираше, воопшто можат официјалните да го направат тоа, ќе можат да си ги сервисираат обврските и повика да се работи за интересот на граѓаните во главниот град, во сите општини.

Арсовска најави вонредна ревизија во сите јавни претпријатија

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, најави дека до крајот на оваа недела ќе започне со спроведување вонредна ревизија во работењето на сите јавни претпријатија под негова надлежност.

– Справувањето со корупцијата и непотизмот во јавните претпријатија е едно од основните предизборни ветувања на градоначалничката Данела Арсовска. Резултатите од спроведената ревизија ќе бидат објавени јавно, а доколку бидат констатирани и неправилности при работењето на раководните лица во претпријатијата, за нив ќе бидат известени и соодветните надлежни институции – соопштија од Град Скопје.

Продолжува разрешувањето директори

Поради неправилности при работењето и непочитувањето на договорот за вработување, градоначалничката Арсовска од функцијата директор на ЈП „Дрисла“ го разреши Александар Кузинаков, откако, како што образложи, од исти причини е разрешен и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Мартин Ангеловски.

Оттаму додаваат дека справувањето со корупцијата и самоволието во Градот Скопје било и едно од главните предизборни ветување на градоначалничката Данела Арсовска и оти никој не смее да си поигрува со народните пари, а уште помалку со довербата на граѓаните на Градот Скопје.

Минатата недела, од раководните позиции беа разрешени и директорите на „Градски паркинг“, „Комунална хигиена“ и на ЈП „Водовод и канализација“, Михаил Петревски, Гоце Трајковски и Виктор Панчевски.

(А.П.) – Фото: Петр Стојановски