„Тепачки“ за паркинг во Тетово

179

Тепачки за паркинг места меѓу граѓаните, но и чести напади врз вработените во јавното претпријатие градски паркинг. Чести се ваквите слики низ Тетово, а особено тоа важи околу зелениот пазар во центарот на градот. Големата фреквенција на луѓе и возила е причината недоразбирањата да ескалираат во физички конфликти. Околу зелениот пазар има два затворени паркинзи, како и зонското паркирање на булеварот „Илирија“.

Најчесто нападите врз вработените во паркинг службата настануваат кога граѓаните забележуваат дека им се ставени метални блокатори на тркалата од возилата.

-Вработените во јавното претпријатие Градски паркинг – Тетово секојдневно се соочуваат со проблеми при извршување на надзор на правилно и прописно користење на јавните паркиралишта со наплата-плаќање на цената и надоместокот за паркирање и дозволеното време на задржување на корисникот на местото за паркинг. Претежно тоа се граѓани кои велат дека не знаат се уште дека паркингот се наплаќа, но и граѓани кои не извршиле уплата по пат на СМС или не купиле картичка за паркинг под изговор дека на местото се задржуваат многу кратко. Ние како претпријатие одговорно за паркинг местата во нашиот град се трудиме мирно да ги решиме овие недоразбирања и затоа апелираме до сите граѓани правилно и прописно да ги паркираат возила за да не дојде до потреба за пишување глоби, објаснуваат од јавното претпријатие.

И полицијата има работа кога во прашање се расправиите и тепачките за паркинг. Токму во близина на зелениот пазар е регистрирана таква тепачка вчера кога две лица од Копачин Дол и неколку од Камењане започнале физички да се пресметуваат откако претходно се расправале кој има право прв да се паркира.

-Во првите три месеци од годинава, на подрачјето на СВР Тетово регистрирани се 69 нарушувања на јавниот ред и мир со физички напади, поврзани со паркирање или после случени сообраќајни несреќи, информираат од СВР Тетово.

Јавното претпријатие Градски паркинг Тетово досега во А и Б зона има 470 паркинг места и четири затворени паркинзи со по 50 паркинг места или вкупно 670 места за паркирање на возила. Во А зона еден час чини 30 денари, додека во Б износот е 20 денари.