Иднината на Килиан Мбапе и понатаму е топ-тема во сите фудбалски медиуми. Само што се одигра последното коло од француската Лига 1, бомбардерот на ПСЖ предизвика земјотрес на „Паркот на принцовите“ со изјавата дека е можно да ја промени клупската средина за време на летниот преоден рок.

Иако раководните лица на старо-новиот шампион на Франција, постојано повторуваат дека младиот напаѓач нема да биде продаден на шпанскиот гигант Реал (М), фудбалските медиуми се убедени дека оваа фудбалска сапуница ќе биде актуелна до крајот на летниот преоден рок.

Поради контроверзната изјава на Мбапе, ПСЖ беше принуден да издаде официјално соопштение. Репрезентативецот на Франција беше прогласен за најдобар играч во Лига 1 од страна на Унијата на професионални играчи, а откако ја доби наградата (како и таа за најдобар млад фудбалер), Мбапе ја подигна јавноста на нозе. Со изјавата поранешниот фудбалер на Монако потврди дека е расположен за промена на клупската средина.

  • Дали сакам поголема одговорност во дресот на ПСЖ? Како и што изјавив, доколку тоа биде во дресот на ПСЖ, јас ќе бидам и повеќе од задоволен, но исто ќе се чувствувам и доколку добијам таква одговорност во некој друг клуб. Тоа ќе биде нов предизвик за мене, изјави Мбапе.

И најмалиот фудбалски фан знае дека Мбапе важи за најголема желба на актуелниот светски и европски клупски шампион, тимот на Реал (М), а челниците на „кралскиот клуб“ се подготвени да постават нов рекорд кога е во прашање обесштетувањето.

Моментално, тој рекорд е во сопственост на бразилскиот интернационалец Неимар кој беше купен од ПСЖ за 222 мил. евра.