21. Фестивал „Струмица 2020“: Конкурс за карикатура и афоризам на тема „карневал-еротика“

208

Центарот за култура од Струмица го објави конкурсот за 21. Меѓународен фестивал на карикатура и афоризам „Струмица 2020“, кој се одржува во рамки на Интернационалниот Струмички карневал на тема „карневал-еротика“.

Според пропозициите на конкурсот за афоризам, секој автор може да учествува најмногу со десет афоризми отпечатени во три примероци со шифра и со податоци за авторот во затворен плик. Учесниците можат да учествуваат со повеќе трудови од десет афоризми со шифра за секој труд.

Во категоријата карикатура, пак, секој автор може да учествува најмногу со три карикатури работени во техника по избор на авторот, со димензии А4, а на секоја карикатура треба да има податоци за авторот на задната страница.

Афористичарите и карикатуристите своите дела треба да ги испратат најдоцна до 14 февруари 2020 година, а жири-комисијата ќе додели златна, сребрена и бронзена плакета со право на жирито да одреди дополнителен број награди. Наградите ќе бидат доделени на 2 март 2020, кога ќе биде организирана изложба и презентација на наградените дела.