200 македонски државјани во карантин на полигонот Криволак!

5178

Бараките и шаторите од касарната Пепелиште на воениот полигон Криволак, во следните 14 дена ќе биде дом на 200 македонски државјани кои вчера беа евакуирани од  македонско-бугарскиот граничен премин Деве Баир. Станува збор за наши државјани што беа на унгарско-српската граница и сега со организиран превоз се очекуваат да дојдат на преминот Деве Баир, од нив најголем број согласно информациите кои ги имаме досега работеле во ризичните региони во Италија, а дел од нив се во Австрија, точните податоци ќе ги регистрираме откако ќе се интервјуираат на влез во нашата земја и сите тие ќе одат во групен карантин во касарната, каде што се обезбедени одлични услови, снабдување со храна, медицинска поддршка за проверка, прегледи и сл. и соодветно обезбедување од полицијата, рече Филипче на прес-конференцијата што се одржа пред групата да биде сместена во центарот за обука Пепелиште. Тој додаде дека тим од епидемиолози ќе биде испратен таму.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров апелираше до граѓаните да не патуваат во странство оти државите ги менуваат своите политики на дневна основа. Потсети дека македонски граѓани кои денеска ќе излезат надвор од границите, апсолутно е неизвесно кога ќе може да се вратат дома.

– Од утрово сме во комуникација со многу наши граѓани. Дури имаме една многу мала група во Лима, во Перу. Искрено мора да се разбере дека живееме во една неверојатна криза. Државите ги менуваат своите политики на дневна основа. Утрово добивме нова нота од соседна Србија. Значи македонски граѓани кои денеска ќе излезат надвор од границите, апсолутно е неизвесно кога ќе може да се вратат дома. Не е време за патување во странство, изјави Димитров.

Истакна дека иако неговата функција налага да патува постојано, сепак ги откажал сите патувања.

– Имав панел и требаше да бидам во Париз, но се одржа дигитално. Сега и премиерот Спасовски имаше дигитална конференција со лидерите на Балканот што ја организираше канцеларот на Австрија, Себастијан Курц. Се сè префрлува дигитално. Ќе имаме дигитална посета и на Михаил Рот, германскиот министер за европски прашања. Значи телефони и видео врски, наместо средби во живо, рече Димитров.

И техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев ги замоли граѓаните да ги почитуваат препораките на Владата и Министерството за здравство и да се воздржат од патувања надвор од територија на државата, но и да го ограничат движењето и собирањето во поголеми групи на граѓани во текот на работниот ден.

– Има многу граѓани кои што се на привремена работа во странство, лица кои живеат во странство, се ближат и Велигденските празници и во католичките земји, така да апелирам воопшто да не се обидуваат да доаѓаат во нашата држава бидејќи постои сериозна можност истите да бидат заглавени на граничните премини, но и да ја донесат заразата во нашата држава. Оние луѓе кои се заглавени, апелирам да останат таму каде што се. Доколку има потреба, ќе се организира хуманитарен конвој меѓутоа тоа е многу тешко, затоа што граничните премини не се контролирани од МВР, туку тоа зависи од одлуката други држави, истакна Чулев.

Информира дека МВР отвори бесплатна линија на која сите граѓани можат да се информираат за сите активности од ингеренции на Министерството, а кои се поврзани со постапувањето на МВР во врска со спречување на ширењето на корона вирусот.

Телефонскиот број е 0800 00201, работи 24 часа, седум дена во неделата. Бројот е на два јазика, на македонски и албански јазик.

Отворена е и мејл адресата на Министерството mvrinformaciiuslugi@mojgov.mk, за поставување прашања или пријавување случаи за непочитување на инструкциите и одлуките на Владата во врска со справувањето со корона вирусот. (E.A.)