Според д-р Горан Димитров, гинеколог-акушер на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, на нивно барање, во едно електронско досие „Женско здравје” треба да бидат собрани сите прегледи на пациентките евидентирани во „Мој термин”. Така, во досието ќе бидат внесени сите извештаи од гинеколошките прегледи, ехо на дојка и момографија. Статистиката покажува дека 20 од 100.000 жени годишно заболуваат од рак на грлото на матката. Затоа се потребни масовна ХПВ-вакцинација и ХПВ-скрининг. Од Здружението ЕСЕ бараат итно зголемување на буџетот на програмата за скрининг на ракот на грлото на матката, со што ќе се овозможи редовен скрининг-преглед на сите жени од 25 до 65 години
Во евиденцијата на „Мој термин“ се воведува електронско досие за пациентките, наречено „Женско здравје“. Со тоа ќе се овозможи поголема грижа за женското здравје, бидејќи на едно место, во досието ќе бидат внесени сите извештаи од гинеколошките прегледи, ехо на дојка и момографија. Според д-р Горан Димитров, гинеколог-акушер на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје и претседател на Македонското лекарско друштво, се работи за нивно барање, кое е доставено до националниот систем „Мој термин“.
– На наше барање, во електронското досие на пациентките ќе биде додаден посебен дел, кој ќе се нарекува „Женско здравје“, каде што лекарот што ја прегледува пациентката, може да ги види на едно место извештаите од гинеколошките испитувања, како и прегледите на дојка, ехо, мамографија. Во тек е дополнување на овој модул со секција за следење на ХПВ- статусот на секоја жена и каков е нејзиниот вакцинален статус – наведе Димитров.
Статистиката вели дека во Македонија, на 100.000 жени на годишно ниво, 20-21 заболуваат од рак на грлото на матката, што е доста висок процент. Токму од овие причини лекарите сметаат дека е потребно подигање на јавната свест за што помасовна ХПВ-вакцинација кај девојчињата и ХПВ-скрининг кај жените на возраст од 25 до 65 години.
ХПВ-тестирањето е статистичка метода со која се покажа дека практично жената што има високоризичен тип на вирусот, носи огромен ризик да има преканцероза и на тој начин рано се открива и се лекува, со што се спречува да дојде до инвазивен рак. Професорот Рубенс Јовановиќ вели дека повеќе европски земји практикуваат примерен ХПВ-скрининг, со тоа што тој се спроведува кај жените на возраст од 25 до 65 години. Професорката Александра Гроздановска, во неделата на ракот на матката на светско ниво, информира дека се објавуваат многу дезинформации во однос на вакцините.
– ХПВ-вакцината е една од најпосебните вакцини, бидејќи станува збор за вакцина што покрај тоа што дејствува на инфективно заболување, а тоа е ХПВ- инфекцијата, превенира развој на карцином – вели Гроздановска и дополнува дека ракот на грлото на матката е втор по карциномот на градите и дека е најдобро да се превенира.
Гроздановска наведе дека кај нас се нуди ефикасна вакцина за која треба да се подигне свеста кај родителите за девојките што се од 12 до 15-годишна возраст да се вакцинираат.
Од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ бараат итно зголемување на буџетот на програмата за скрининг на ракот на грлото на матката, зголемени активности за едукација на жените, како и предвидување посебни активности на ниво на заедницата за зголемен опфат на жените од ранливите групи, со цел да се намали стапката на откривање на ракот на грлото на матката во напредна фаза и да се намали смртноста кај жените од ова заболување. Од Здружението потсетуваат дека Владата го намалила буџетот за програмата за рана детекција на малигните заболувања за 2023 година за два милиона денари во однос на 2022 година.
– На крајот од јануари, програмата за рана детекција на малигните заболувања сè уште не е објавена во „Службен весник на РСМ“, што значи дека сè уште не се знаат ниту планираните активности ниту целната возрасна група на жените што треба да бидат опфатени со скринингот – посочуваат од Здружението.
ЕСЕ информира дека секоја година умираат околу 40 жени од рак на грлото на матката, додека над 350 жени годишно се лекуваат на Универзитетската клиника за онкологија и се подложени на агресивни третмани со хемотерапија и зрачење, поради тоа што болеста е откриена во напредна фаза. Од Здружението ЕСЕ потсетуваат дека во 2022 година, Министерството за здравство го укинало праќањето покани до жените за да направат гинеколошки преглед со ПАП-тест и ја вовело интернет-платформата skrining.mk за жените сами да се пријавуваат за преглед со ПАП -тест.
– Согласно со изјавите од Министерството за здравство во 2022 година, на само 12.194 жени им е направен ПАП-тест преку закажан преглед преку интернет- платформата, што претставува само 10 отсто од целната возрасна група – велат од Здружението и дополнуваат дека сите жени немаат пристап до Интернет.
Истражувањето што го спроведе ЕСЕ во 2022 година, покажа дека само 24 проценти од жените од руралните средини и 16 отсто од жените Ромки имаат потполна можност самостојно да закажат гинеколошки преглед преку интернет- страница.
(В.Ма.)