КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Circus Makedonikus Maximus

231

Долго време се прашував зошто одамна не дошол циркус во Македонија, одамна не се развиориле циркуските знамиња над поставената циркуска шатра, одамна кловновите не ја насмеале публиката со своите лудории. Одговорот сам се наметна со последните случувања во државава и лесно беше човек да сфати дека циркусот никогаш и не си заминал од овде.

Овој циркус Македоникус е циркус кој се одвива на различни места, под различни шатри, со различни кловнови, дресери и акробати. Понекогаш, а тоа не е ретко, циркуските претстави се одвиваат на повеќе места во исто време за да може да се забавува голем број луѓе, повеќе народ.

Кловновите се посебно смешни и интересни, секој ден имаат циркуска точка и постојано ја забавуваат и разбрануваат публиката. Една од омилените точки и на кловновите, но и на публиката, е точката „жешко и подмолно столче“. Точката ја почнуваат заедно неколку кловнови кои нешто се договараат, си шепкаат еден на друг нешто, па потоа се гушкаат и еден од кловновите го седнуваат во фотелја. Сите седнуваат околу него, го слушаат, а не го слушаат, го гледаат, а не го гледаат и постојано под маса пишуваат и добиваат пораки на мобилен. Наеднаш, во сред реченица го исфрлаат кловнот седнат во фотелја, го превртуваат и со кренати раце го бркаат во ќош. Се радува публиката, се смее, се смеат и другите кловнови, а овој избрканиот плаче и негодува, изненаден што му се случило и по правило ја обвинува циркуската управа и здружението на кловнови, тврдејќи дека е тоа нивен заговор. Но попусто, фотелјата е веќе пополнета, седнал друг кловн кој почнува да мудрува како и претходниот, објаснува како треба кловновите да изгледаат, што да прават, се обидува да внесе нови штосови, иако нема многу искуство, до вчера бил само асистент на кловнот. Повторно другите седнуваат околу него, го слушаат, а не го слушаат, го гледаат, а не го гледаат, пораки, координација и оп, уште еден кловн паднат од фотелја. Публиката во дилириум, кловновите застануваат пред публиката и длабоко се поклонуваат, изговарајќи го наравоучението од изведената точка – како си седнал така и ќе станеш.

Се гаси светлото, кловновите се повлекуваат, се пали светло и позорницата е празна, но се слуша рикање на лавови. Публиката стаписана, чека, не трепка а на позорницата се појавуваат лавови, прави македонски лавови, огромни гриви, некои од нив носат беретка, а околу вратот штит со сонце, другите пак заденале црвена ружа во гривата, а околу врат врзана марама, онака како што ја носеа некогаш пионерите, ќе се сетат постарите. Рикаат лавовите едни на други, мавтаат со шепите и огромните канџи, ама сè некако одалеку без да се доближат.  И којзнае колку тоа ќе траеше, на публиката и стана досадно, кога наеднаш се слуша фијук на камшик. Занемеа лавовите пред камшикот и дресерот, кој се појави облечен онака како и доликува на еден дресер, во црвено и плаво со бели звездички, а во негова придружба веднаш до десната нога чекори лав, ама нема ништо околу вратот освен бела капа на главата. Замавнува дресерот со камшикот и сите лавови на две нозе стојат, како да молат, не рикаат, мјаукаат и секоја команда на дресерот ја исполнуваат, а оној лав со белата капа само стои и гледа како сеир да им фаќа.

Светлото пак се гаси, лавовите тивко заминуваат со наведнати глави, а на циркуската позорница наеднаш втрчува цела хорда мајмуни. Различни видови мајмуни се собрани, едни се удираат во гради, другите ги буткаат тие околу себе, трети прават мајмунлуци, четвртите ѝ мавтаат на публиката, публиката ги гледа, се забавува и не приметува дека една група мајмуни почнува да им претура по ташните, џеповите и да зема сè што ќе им се допадне.  Мајмуните кои се на позорницата ја играат својата ролја сè додека еден од мајмуните крадци не даде знак дека се повлекуваат од публиката и дека зеле сè што можат и што им се допаѓа и тогаш точката завршува со одалечување на сите мајмуни како да бегаат. Публиката сè уште не е свесна дека е ограбена, тоа подоцна ќе го сфати кога ќе ја напушти циркуската шатра.

Се нижат точките пред очите на публиката, сè и сешто може да се види, како што и доликува на еден циркус, настапуваа уште џуџиња и акробати, жена со бркови и брада, имаше и некоја чудна парада, слон од глушец се плашеше, коњите трчаа во круг, испалија човек од топ, а сето тоа го следеа љубопитни мунгоси со тефтери во рака.

Се изгасија циркуските светла, публиката замина дома, стивна циркуската шатра, кловновите отидоа на почивка, утре е нов ден, нова точка ги чека. Лавовите веќе спијат и тивко во сон ечат, веројатно сеќавајќи се на славното минато кога беа кралеви на саваната. Уште мајмуните се будни, пленот го делат, на почивка и не мислат, журка тек ќе прават, имаат и што да слават, сè додека циркусот Македоникус трае, пленот секој од нив си го знае.

(ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот)