18 години Централен регистар: Од годинава при регистрирање фирма можност и за доброволна регистрација за ДДВ

140

Произлезен од поранешниот Завод за платен промет во  2002 година, Централниот регистар денес, 18 години подоцна, е ризница на 11 единствени регистри. Има 27 канцеларии низ целата држава и 332 вработени.

Најново во работата на регистарот е тоа што од годинава, со нова електронска платформа при регистрирање на фирма ќе може да се изврши и доброволна регистрација за ДДВ обврзник, најави министерката за финансии, Нина Ангеловска, на вчерашната свеченост по повод полнолетството на оваа институција.

-Преку електронската платформа на Централниот регистар ќе може да се регистрира фирма, да се регистрира вработувањето на првите вработени во Агенцијата за вработување и да се изврши регистрација за ДДВ обврзник, односно речиси сè што е потребно за формално започнување бизнис, рече Ангеловска.

Таа појасни дека внесувањето на податоците за доброволна регистрација за ДДВ цели Централниот регистар ќе го врши електронски, преку поврзување на своите регистри со базите на податоци на УЈП, а целокупната документација потребна за регистрирање на фирма се поднесува во електронска форма, потпишана со електронски потпис од овластени лица. Потсети и дека ако порано требало да се носи хартиена документација за да се регистрира фирма, денешните млади претприемачи тоа можат да го направат преку својот компјутер, додека времето изгубено по шалтери можат да го пренасочат на раст и развој на бизнисот.

Во своето обраќање министерката информира и дека лани се регистрирани над 6.200  нови фирми, а секоја година нивниот број се зголемува.

Директорката на Централниот регистар Марија Бошковска Јанковски зборувајќи за развојот на регистарот меѓу другото посочи дека со преземањето на трговскиот регистар од судскиот регистар времето за регистрација на фирма од 48 дена е намален на три дена, за денес да се сведе на само четири часа. Таа посочи дека Централниот регистар во наредниот период ќе продолжи во остварување на своите цели кои, како што рече, се ставени во функција на подобрување на деловната клима и промоција на нашето стопанство во регионот и пошироко. Притоа посебен акцент ќе се стави на усовршување на информацискиот систем.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, рече дека граѓаните и фирмите се задоволни од услугите кои ги добиваат од оваа институција. Централниот регистар, како што додаде, е лидер во дигитализацијата и една од првите институции кои ќе нудат услуги на националниот портал за електронски услуги услуги.гов.мк

– Во моментов услуги.гов.мк е наменет само за граѓани. За нешто повеќе од еден месец од лансирањето на порталот, осум илјади граѓани ги користат 128. електронски услуги. За нив чекањето по шалтери и во долги редови веќе е минато. Бројот на регистрирани корисници и бројот на услуги постојано расте, а следна фаза од развојот на овој портал е тој да биде наменет и за бизниси и тука главна улога ќе има Централниот регистар како единствен регистар на правни лица во државата, рече Манчевски.