13-та Годишна изложба на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот Универзитет

Изложбата ќе ги претстави најдобрите дела и дизајн-решенија на студентите од ФАД кои произлегоа од практичните активности во изминатата академска 2018/19 година во која успешно ги реализираа предвидените наставни активности, дополнети со работилници, модни ревии, посети на музеи и галерии, како и дружење со докажани гости - професионалци

171

Традиционалната, 13-та по ред Годишна изложба на студентите од Факултетот за арт и дизајн, ќе биде отворена утревечер со почеток во 20:00 часот, во халата на старата печатница во објектот на Европски универзитет во Скопје (каде се одржа пролетниот Моден викенд Скопје). И овој пат, изложбата ќе ги претстави најдобрите дела и дизајн-решенија кои произлегоа од практичните активности во изминатата академска 2018/19година.
И оваа година студентите на ФАД предводени од деканот проф. д-р Гордана Вренцоска успешно ги реализираа предвидените наставни активности, дополнети со работилници, модни ревии, посети на музеи и галерии, како и дружење со докажани гости – професионалци. Студентите од овој факултет учествуваа на Модниот викенд Скопје со модната ревија „Ив Сен Лорен и јас”, на работилницата Футуре Цитиес на УНДП, се претставија и на Младинскиот пролетен салон во Мала станица, учествуваа и на јавни конкурси, добија Благодарница за учество во наградата за најдобри општествено одговорни практики во 2018 година за проектот „Дете и простор“, престојуваа во Словенија, Литванија, Италија, Германија, Полска и Црна Гора во рамки на програмите Еразмус+… сите овие активности ги инспирираа и мотивираа да бидат подобри и уште покреативни.
Студентите инспирирани од силната светлина на револуционерната Баухаус школа, се придружуваат кон светската прослава на 100-те години од нејзиното основање со плакатот за изложбата во препознатливиот Баухаус стил и со други студентски дела.
За таа цел, од ФАД ве покануваат заедно да ги разгледате делата на студентите од првиот и вториот циклус на студии од насоките за графички дизајн, моден дизајн и дизајн на ентериер и да го доживееме нивниот начин на обликување на светот во кој живееме.