Се исплашило од лаењето на кучињата и се качило на дрво

182

Неколку бездомни кучиња агресивно лаеле по исплашено мече, кое, најверојатно од страв, се качило на дрво и се скрило во гранките. – Откако ренџерите ги избркале кучињата, мечето се симнало од дрвото и истрчало во блиската шума – соопштија од ЦУК

 

Ренџерски тим од Националниот парк „Маврово“, утринава, ослободи мече заглавено во гранките на дрво, во двор на викендичка во Маврови Анови.

Повикот за спас на мечето бил упатен во 7:35 часот на 112 во Центарот за управување со кризи, по што неговиот Сектор за операции и координација ги известил Националниот парк „Маврово“ и МВР.

– Ренџерскиот тим веднаш се упатил кон заглавеното мече, а истовремено со нив пристигнала и патрола од МВР од ПО Маврово за обезбедување на местото на настанот – известуваат од ЦУК.

Оттаму додаваат дека неколку бездомни кучиња агресивно лаеле по исплашеното мече, кое најверојатно од страв, се качило на дрвото и се скрило во гранките.

– Откако ренџерите ги избркале кучињата, мечето се симнало од дрвото и истрчало во блиската шума – соопштија од ЦУК.

Проценките велат дека на територијата на Националниот парк има околу 170 мечки. Пред две недели, беше снимена мечка со две мали мечиња како поминува среде асфалтираниот пат.

Нивниот лов е забранет во Македонија, иако се бележи тренд на нивно размножување во националните паркови. Мечките сè почесто се појавуваат и во населените места. Најалармантно беше лани, во селото Жировница, каде што имаше случаи на напади од мечки врз домашни животни, но и обиди за влез во некои од куќите.