За движење во летниот период низ шумскиот појас на Скопска Црна Гора најпогодни, а воедно и најинтересни се трите манастирски патеки од селото Бањани до Љубанци. Секоја патека е долга по 13 километри. Карактеристично е тоа што поминуваат низ манистири.
За нив раскажува Дејан Вељанов, претседател на Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“. Тој како прва и воедно највпечатлива ја опишува манастирската патека 1.
-Оваа патека е во околината на Бањани и поминува низ седум цркви и е со висинска разлика од 500 метри. Највисока точка на оваа патека е црквата „Свето Благовештение“. Таа се наоѓа на надморска височина од 1.100 метри – вели Вељанов.
На почетокот на оваа патека е црквата „Свети Ѓорѓи“, по неа патеката води до манастирот „Свети Никита“ кој е изграден во 14 век. Следи, црквата „Пресвета Богородица“ која е на надморска височина од 850 метри.
-Во кругот на црквата „Пресвета Богородица“ има широк простор и еден надворешен трем, како летниковец, таму се снимени сцените од познатиот македонски филмот „Трето полувреме“, на режисерот Дарко Митревски – вели Вељанов и додава дека во кругот на црквата има дрво кое им помага на тие што имаат проблем со стерилитет за полесно да зачнат.
Одејќи по оваа патека понатаму ќе ве сретне и црквата „Свето Благовештение“ кое е највисоката точка на турата, 1.100 метри надморска височина. И овде има убаво место за одмор при престој во црквата.
Потоа, доаѓа црквата „Свети Спас“ каде патеката веќе се спушта надолу.
-Прекрасана е глетката од ливадата видиковец која се наоѓа помеѓу црквата „Пресвета Богородица“ и „Свето Благовештение“. Оттука, Скопје се гледа на дланка, но и сите поголеми масиви како што се: масивот Мокра и Шарскиот масив- објаснува Вељанов.
Интересно е тоа што, вели Вељанов, околу црквата „Свети Спас“ секогаш наидува на траги од мечка која опстојува во тој дел.
-Таа е околу Поило, Душановац и Бела Вода и често оди и до црквата. Затоа, секогаш кога со членовите на здружението се движиме овде, одиме во група, а не поединечно – потенцира Вељанов.
Тој вели дека секогаш оставаат храна, пред се овошје, бидејќи знаат оти кафеавите мечки се вегани.
-Затоа, при вака сушни периоди да не собираме шумски плодови, туку да ги оставиме како храна за дивите животни кои се помалку ја имаат – порачува Вељанов.
Следна црква низ која минува оваа патека е црквата „Свети Јован“, околу која има широка ливада. Престојот овде е секогаш пријатен.
-Од црквата „Свети Јован“ се спуштаме кон манастирот „Горни Свети Илија“ кој е покрај Бањанска река. Овде е најсвежо во подножјето на Скопска Црна Гора. Овој манастир е изградена во 14 век и е во карпа. Во кругот на манастирот има конаци и повеќе маси и клупи за седење и затоа често во летниот период, оваа црква е многу посетена – опишува Вељанов.
Од манастирот „Горни Свети Илија“ патеката води кон Бањани покрај Бањанска река.
Според Вељанов оваа патека е позната и по тоа што овде вегетира црвен глог кој е покрупен од ситниот глог.
-За жал, последните неколку години поради наглите временски промени, во текот на пролетта најверојатно цветот мрзне и не дава плодови како изминатите години.
(А.П.)